Од утре започнува скринингот во основните училишта каде е зголемен бројот на новозаболени од Ковид-19. Тоа беше аларм за да иницираме ваков скрининг кој ќе покаже каква е трансмисијата на вирусот меѓу учениците, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ и додаде дека тоа е заклучок кој денеска на состанок го донела Комисијата.

Скринингот започнува во основните училишта каде што бројката на новозаболени ученици е зголемена, во средните училишта таква состојба немаме, таму за сега епидемиолошката состојба е стабилна. Но, загрижувачките бројки кои ги добивме од основните училишта беа аларм да иницираме и аплицираме еден ваков скриниг кој ќе ни покаже каква е трансмисијата во училиштата. Обезбедени се тимови, здравствени работници кои ќе го спроведат скринингот и согласно утврдената методологија ќе ги соберат податоците и истите ќе бидат доставени на анализа, со цел да се добие реална слика за тоа како се пренесува вирусот во училиштата, додава д-р Мехмедовиќ.

Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски рече дека скринингот ќе се спроведе во самите училиштата.

Родителите кои денес добиле согласнот за тестирање на нивните деца, нема потреба да ги носат во Центрите за јавно здравје, ќе бидат тестирани во училиштата. На овој начин сакаме да го олесниме пристапот до тестовите и да биде со минимум компликации по нив, рече Петличковски.

Тој посочи и дека од денеска препораките за лекување од Ковид-19 се достапни на веб страница на Министерството за здравство.

Н.С.Ј.