Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, заедно со претставници од Министерството за здравство, го посетија Универзитетскиот клинички центар во Ниш, каде остварија средба со директорот, Проф. Д-р Перишиќ и медицинскиот тим.
При посетата, претставниците беа запознаени со здравствената состојба на трите пациенти хоспитализирани во оваа установа. Според информациите добиени од медицинскиот персонал, двајца пациентите се во стабилна состојба, додека еден пациент е во потешка состојба, но истите остануваат под внимателен лекарски надзор и соодветна терапија, информираат од Министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден заменик-министерот за здравство Андовски и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, ги посетија Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) и Клиничкиот центар во Белград.
Во рамки на посетите, како што информираат од Министерството, оствариле средба со директорите и медицинските тимови, при што одблиску се запознале со здравствената состојба на пациентите и условите во кои се лекуваат.
Во ВМЦ се хоспитализирани 10 пациенти, од кои 6 се на одделот за интензивна нега, а 4 на одделот за пластична хирургија. Во Клиничкиот центар во Белград се хоспитализирани 17 пациенти. Дополнително, претставниците остварија средба со родителите и роднините на пациентите, при што ја пренесоа поддршката од страна на државата и ги уверија дека институциите остануваат посветени на обезбедување соодветна помош. Во овој тежок период, секој збор на охрабрување и секоја форма на поддршка се од непроценливо значење за семејствата што се соочуваат со предизвици, велат од Министерството.
Воедно изразуваат длабока благодарност до медицинскиот персонал на Универзитетскиот клинички центар во Ниш и до медицинските тимови на ВМЦ и Клиничкиот центар во Белград за нивната професионална грижа, посветеност, несебичен ангажман и хуманост во грижата за нашите пациенти.
OhridNews