Замисли дека живееш во Шангај; тетка ти испратила фотографии од Охрид, а меѓувремено добиваш силна желба да видиш уште како кинеските влакнести палми преживуваат во суровите услови на балканската континентална зима…
Од Шангај до Охрид лесно се доаѓа… доколку внимателно ги следиш патоказите! Прво летајќи до Виена, потоа пак со авион до Скопје и по три часа со автобус пристигнуваш во Охрид. Tогаш почнуваш да сфаќаш дека тежината не доаѓа само од должината на патувањето.
Кинез со бавен чекор се шета наваму и натаму низ Варош, најстариот и за туристите најпривлечен дел од Охрид, додека со погледот внимателно ги разгледува зградите вдолж патот.
- Сигурно барат нешчо… Да н` му требит помош… – со љубопитна загриженост се огласуваат автохтони жители на Варош, излезени на улицата за да се стоплат, но и да видат што ново се случува во градот.
- Помош!? Не, неее… Благодарам – вика Кинезот, со широка насмевка и зголемена самоувереност го забрзува чекорот, па се губи меѓу куќите вдолж кривулестата тесна патека.
По некое време, Кинезот се враќа кај горенаведените автохтони жители, застанува пред нив и сега веќе со разнишана самодоверба, бара помош.
- Простете, ќе можете ли да ми кажете каде се наоѓа улицата „Цар Самоил“?
Автохтоните му одговараат со „оваа е улицата што ја бараш“ и широка насмевка го огрева неговото лице.
- Аааа! Јас ја барам веќе цел час, но не можев да ја најдам. Благодарааам!
Зачуденоста е заедничка. Кинезот се чуди, автохтоните жители се чудат: како може да не најдеш нешто што е тука, пред тебе, на дофат, пред носот!
Лесно им е на автохтоните жители на Охрид да си го откријат името на улицата. Запишано им е во личната карта, на сметките за струја, вода, телефон… Насекаде во градот си имаат роднини и пријатели, кумови; ќе ги искористат бесплатните телефонски импулси, ќе се јават некаде и ќе научат како се вика некоја друга, подалечна уличка.
Од друга страна, особено за посетителите од далечни места кои немаат роднини во Охрид, а такви се повеќето, барањето на улица во стариот дел на градот е нешто како да бараш црна мачка во темна пештера во која не постои никаква мачка. A тоа е така зашто…
Улиците „Цар Самоил“ и „Илинденска“ се патиштата во Варош по кои секој посетител мора барем еднаш да мине. Токму на овие улици не постои ниту една ознака која би потсетувала на нивните имиња. На улицата „Коста Абраш“ името на улицата е запишано на една мошне добро затскриена табла. На другите места имињата на улиците се избледени до непрепознатливост или покриени со разни графити и налепници. Ако таблите воопшто ги има! И, ако ги има, зошто имињата таму не се напишани барем уште на англиски јазик, колку да се знае дека означуваат име на улица коешто цел свет ќе може да го разбере!? Означувањето на улиците не е местото каде што пишувајќи само на македонски јазик со кирилица треба да покажуваме тесноград патриотизам – за тоа постојат многу други места и начини.
Во блиското минато се изнаслушавме за „потребата“ од изградба на вештачко езеро меѓу безводните висови на Галичица, аеродром среде длабочините на Охридско Езеро, скијачки центар онаму каде што снегот многу ретко или малку го има, автопатско поврзување на селата Рамне и Љубаништа чии жители можат да се соберат во 2-3 автобуси… Уште само космодром што не беше спомнат! Во сета таа попара од идеи за мегаломански потфати, запоставени беа оние мали нешта кои градот вистински го прават поубав и поудобен, како за посетителите така и за неговите жители.
Текст и фотографии: Мишко Јузмески
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите