Денес традиционално се одбележува празникот Св. Трифун, заштитникот на лозарите и градинарите. На овој ден се закројуваат лозјата, со молитва и позитивна мисла, да биде годината родна, времето убаво, а плодовите здрави.

Посебно празникот го одбележуваат тие што се занимаваат со лозарство, винарство, дестилерии. Меѓу нив е и охридскиот казанџија Коста Богданоски, кој го искористи овој ден да ја промовира дестилеријата „Богданоски“ сместена во семејниот двор на улицата „Гоце Делчев“, во близина на влезот во старата охридска чаршија. Старата куќарка на крајот од дворот, изградена многу одамна од непечена тула и камен денес е видно дотерана, но го задржала својот препознатлив стил на автентично место, какво што доликува за варење ракија.

Покрај традиционалната опрема за варење ракија, казаните, може да се забележат и автентични садови за собирање на ракијата, но и безброј слики кои кријат бројни спомени.

Коста е трета генерација казанџија. Семејниот занает го почнал дедо му Косте, го продолжил татко му Павел, за да денес на охриѓани ракијата да им ја прави тој. Семејството Богданоски речиси шест децении вари домашна ракија на традиционален начин.

Варањето ракија не е лесно и не е едноставен процесот. Меѓутоа големо е задоволството да се продолжи традицијата која ја започнал мојот дедо во 1962 година и ја продолжил татко ми.

Суровината за производство дел е од сопствено производство, дел откупува од производители во Охридскиот регион, освен кајсијата која ја набавува од Градско, вели Коста. Вари ракија од дуња, грозје, јаболко…

Произведувам осум видови на ракија. Се надевам дека производството ќе се прошири за уште два три вида, пред се за џин и ракија од круша, слива. Со добро друштво ракијата се вари без проблем, вели.

Се надева дека со дестилеријата ќе придонесе во збогатување на туристичката понуда во градот и привлекување на што повеќе туристи да ја посетат истата.

Сакам на туристите да им го покажам традиционалниот начин на варење ракија, да го видат целиот процес, но и да им понудам мала дегустација, додава Коста Богданоски.

Професорот Зоран Тунтев ја поздравува идејата за отворањето на дестилерии, посочувајќи дека Охрид и Македонија мора да понудат автентичност и оргиналност.

Дел од традицијата е и изработка на вино и ракија. Во свет кој мириса на Мекдоналдс и Дизниленд, Охрид и Македонија мора да се профилираат како дестинации кои тежнеат кон автентичност, кон тоа што од дедо-прадедо ни останало соодветно да го спакуваме и да го понудиме на меѓународниот туристички пазар. И верувам дека тука на долг рок се крие добра приказна што ќе ја профилира Македонија на таа мапа на атрактивни дестинации кои нудат автентичност пред се, вели Тунтев.

Потенцира дека како поднебје немаме апсолутно потреба да покажуваме луксуз, туку треба да се насочиме кон корените и традицијата.

Да ги вадиме корените стари, тоа што е одлика на ова поднејбе, на овој народ и го поздравувам овој акт на отворање на дестилерија особено за ракија. Вински земји постојат, цела Западна Европа, Медитеранот се профилираат веќе на пазарот како вински регион, ама ракијата е веројатно адут на кој особено треба да се посвети внимание и ме радува фактот што се повеќе дестилерии се појавуваат како сериозни играчи, додава Тунтев.

Порано варењето ракија било своевиден ритуал. Тоа било повод за дружби на кои се раскажувале приказни и анегдоти, кои ден денес се актуелни.  А денес, ова место, дестилерија „Богданоски“, кое го поврзува минатото и сегашноста, извор на традицијата, добива и туристичка димензија.

Празнична атмосфера денеска беше и во винаријата „Стојан и синови – С&С“ на семејството Шутароски, во охридската населба Чекоштина.

Браќата Ванчо и Никола со многу љубов и посветеност градат убава туристичка приказна.

Гостите бараат авантура, автентично дожувување, нешто интересно. Ние треба да ја раскажеме нашата приказна, а тоа е што бараат туристите, добро спакуван производ со приказна која ќе ги поттикне и освои нивните чувства, велат од винаријата С&С.

Винаријата С&С произведува десет видови вино од сорти кои се одгледуваат во Охридското поднебје, како и вински дестилати.

Празникот Св. Трифун во винаријата С&С беше одбележан со традиционални обичаи и закројување на лозјето

Г.М.

Фото: А. Момироска