Пица мајсторот Дејанчо Трајанов – Чеде од Охрид пасијата кон пицата ја претвора во хоби. Дел од работниот век го поминува како професионален војник, но кого дошло време да ја смени професијата без двоумење го избрал пица занаетот. Желбата за подготовка на пица го води кон постојано усовршување за што резулатат се и бројните награди освоени на интернационални натпревари. А, натпреварите продолжуваат и годинава.

Од професионален војник до пица мајстор

Трајанов сосема случајно почнал да се занимава со подготовка на пица, откако претходно дваесет години работел како професионален војник во македонската армија.

Желбата за оваа професија се јави во моите подоцнежни години. Јас работев 20 годни во Армијата и кога законот налагаше престанок на работен однос со наполнети 45 години требаше да бираме друга професија. Се замислив што би работел после тој ангажман. Со моето одење почесто во Италија и познавањето на италијанскиот јазик ми се роди и идејата да барам работа поврзана околу изработка на пици. Барав курсеви и најдов школа во Италија, од каде ми рекоа дека таа школа веќе постои во Македонија и подобро би било тука да ја посетувам. Така стапив во контакт со академија Пицајоли во Македонија со маестро Зоран Јованоски – Паламаро. Бев меѓу првите студенти кои го завршија курсот тука, раскажува Трајанов.

Тоа му овозможило да навлезе повеќе во работата, а со помош на контактите кои се на врвот во оваа професија во Италија почнува да учествува на натпревари. Со дел од колегите основале Здружение на македонска асоцијација на Пицајоли за полесна организација, но и да бидат во тек со најновите трендови во изработката на пица.

Медали и успеси на меѓународни натпревари

Досега Трајанов има учествувано на многу натпревари, а резултат се многубројните награди и признанија. Претежно учествува индивидуално, но како категорија постои и пица тим каде едниот го прави тестото, друг топингот.

Одиме од Македонија организирано, ја претставуваме Академијата, државата, но и самите себе. Во 2023 година учествував во текот на месец ноември на три интернационални натпревари во Бугарија, Италија и Србија. Бевме преку десетина пица мајстори од Македонија на натпреварот во Софија, а ова ми беше второ учество. Лани освоив два сребрени медали во категорија пица наполитана и пица класика. Годинава учествував во три категории пица „блек бокс“ односно пица која се подготвува од тесто кое сами го носиме, а топингот односно артиклите ни ги даваат таму во кутија во која не знаеме што има, „скриена кутија“. Притоа треба да се запазат сите десет продукти во кој дел од процесот на изработка на пицата се вклопуваат, бидејќи има артикли кои се печат, кои не се печат… Ја имав таа среќа правилно да ги ставам сите артикли и го освоив првото место. Во категорија пица наполитана освоив трето место, како и во пица класика. Имаше доста голема конкуренција со натпреварувачи од Балканските земји и Скандинавија. Но, желбата кај мене е многу голема и постигнав успех, вели.

Во средината на ноември учество земал на „Campionato Mondiale Pizza DOC“ кој се одржал во место во близина на Наполи, Италија.

Станува збор за голем интернационален настан, втора по големина школа за пица инструктори на светско ниво, после Академија Пицајоли. Организацијата беше беспрекорна. Бевме двајца пица мајстори од Македонија, јас и мојот колега Хисен Таири од Тетово. Учествував во две категории, наполитана и класика. Во категорија класика учествував со голем дел македонски производи и го освоив престижното 12-то место кое за мене е многу голем успех во категорија од 750 кандидати. Ова за мене досега е најголем успех кој го имам постигнато. Колегата од Тетово беше 18-ти, што за нашата држава е доста добро. Добивме многу позитивни критики. За една мала држава како нашата која е занемарена на пица светската сцена, да излезат толку добри пица мајстори и да влезат во топ 20 е доста голем успех, потенцира Трајанов.

На крај на месец ноември учествувал и на првиот интернационален Пица фест во Србија каде имало само две категории, пица наполитана и пица либеро.

Во пица наполитана освоив второ место додека во категоријата пица либеро прво место и бев прогласен за најдобар пица мајстор на самиот настан. И тука имаше доста голема конкуренција и меѓународни судии со реноме од Италија, Бугарија, Македонија.

Меѓу бројните одличја на Трајанов е и освоениот златен медал во 2022 година, на Гастро туристичкиот фестивал во Србија, каде бил прогласен за најдобар пица мајстор во конкуренција од околу 50-тина натпреварувачи.

Натпреварите можност за следење на трендовите

Учеството на интернационални натпревари претставува можност за следење на најсовремените трендови околу подготовката на пица и стекнување на нови искуства.

Мора да се учествува на вакви натпревари и да се следат новите трендови. Контактирам секојдневно со колегите од овде и Италија, разменуваме рецепти. Посетувам и доста курсеви онлајн за кои треба да се издвои одредена сума на финансиски средства. На сопствен трошок одиме и на натпреварите, но желбата е голема.

Со оглед на успесите на натпреварите стануваме како држава постепено сериозен играч на пица сцената во светот

Учеството на натпревари и постигнатите успеси според него ја прави држвата посериозен играч на пица сцената во светот.

Па да, веќе доста луѓе ме препознаваат, контактираме. Има некое раздвижување и некое усовршување на таа пица наполитана. Кога мои познаници ќе дојдат во Охрид ги насочувам каде може да јадат добра пица. Во текот на летната сезона работам во Виа Сакра. Го пренесувам знаењето на помлади генрации. Има некои млади дечки кои се заинтересирани. Не постои тајна во подготовката на пицата или рецепт кој денес не е достапен, потенцира.

Денес, вели, се има на социјалните мрежи, а со разни курсеви, проби, добро брашно и добри артикли реузлтатот е неминовен, сам по себе доаѓа.

Што е тајната на добрата пица?

За да се направи добра пица според нашиот соговорник потребно е добро брашно, но додава дека во нашата држава потешко се наоѓа.

Потребна е секако и добра печка која треба да надминува над 450 степени целзиусови за пицата наполитана. Многу фактори влијаат, овие се главни што мора да се запазат.  Зависно од категориите си има и други регулативи за самите првенства кои мора да се запазат, да се почитуваат при изработката од хидратација на тесто, надворешната температура, големина на топчето, големината на пицата, тежината на пелат (сос од домати), моцарела… Кај нас пицата наполитана се прави само со доматен сос и печурки, што не е оргинал. Во Италија пицата ја прават со намирници кои ги имаат во одреден регион. Тоа што се произведува се става на пицата и на сите производи имаат ознака дека истиот е производен во тој регион и се набавуваат или кај самите производители или во некоја локална продавница. Многу квалитетни производи.

Според него за изработката на тестото за пица наполитана потребни се брашно, вода, сол и квасец. Но, на Балканот, а со тоа во земјава и во Охрид се користат многу состојки кои не се својствени за изработка на пица тестото, како јајца, млеко, оцет, сода бикарбона, пиво.

Во Охрид најмногу се конзумира пица капричоза, маргаритата послабо бидејќи кога ќе се спомене се мисли на пица само со кечап и кашкавал, босилек скоро и никој не користи. Најголем број од пицериите во Охрид не користат пелат (доматен сос), туку доматно пире во кое ставаат разни додатоци, истакнува тој.

Пица мајсторот Дејанов го очекува напорна година. Прв во низата е натпреварот во Римини чиј организатор е Академија Пицајоли од Италија.

Останува да се подготвувам и да се покажам во вистинско светло, додава Дејанов.

Н.С.Ј.