Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без PCR тестирање.

Согласно владината одлука, државјаните на овие земји ќе може да влегуваат во земјава без PCR тест, кој до сега беше задолжителен, а истото ќе важи и на македонските државјани при патување во овие држави.

Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19. – напиша премиерот Заев на социјалните мрежи.

Одлуката стапува на сила од понеделник 12 октомври.

 

Г.М.