Итна финансиска помош во износ од 150 илјади денари која ќе се реализира преку Црвениот крст ќе биде исплатена за секој настрадан во пожарот во Кочани, соопшти на денешната пред конференција  директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР)  Ивица Томовски.

Досега, 188 лица се згрижени и сместени. Свесни сме дека оваа трагедија носи и неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес, донесовме одлука за секој настрадан да биде исплатена сума од 150.000 денари како итна финансиска помош за покривање на почетните и секојдневни трошоци. Оваа помош ќе се реализира преку Црвениот крст на Република Македонија, рече Томовски.

Одговарајќи на новинарско прашање кога и како семејствата ќе почнат да ја добиваат помошта од донации од сметката на Црвениот крст, на која досега се собрани 51 милион денари, Томовски одговори дека кон исплата ќе се пристапи од понеделник. Како што рече, се прават законски подготовки со оглед дека трансакциските сметки подлежат на заштита на лични податоци.

Во моментов се собираат тие трансакциски сметки од лицата кои се во странство и нивните согласности, преку логистика на Министерство за надворешни работи односно амбасадите и конзуларните претставништа, и веднаш од понеделник Црвениот крст ќе пристапи кон исплата на средствата, истакна Томовски.

Додаде дека преку СОЗР и останатите надлежни институции се организира и целата неопходна логистика за сместување и транспорт на настраданите и нивните семејства.

OhridNews