Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги денеска донесе Одлука со која екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) поевтинува за два денари, додека цените на останатите горива остануваат непроменети.

Со оваа Одлука, од ноќеска на полноќ, максималната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 81 денари за литар, на ЕУРОСУПЕР БС-98 – 83,50 денари за литар, на ЕУРОДИЗЕЛ БС – 71 денари за литар, на маслото за горење ЕЛ-1 – 68 денари за литар, а на мазутот М-1 41,437 денари за килограм.

Со денешната одлука малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 0,57 проценти.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,585 проценти, кај дизелот за 3,315 проценти, кај екстра лесното масло за 3,937 проценти и кај мазутот намалувањето е за 0,713 процент.

Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, се додава во соопштението на РКЕ.

OhridNews