СВР Oхрид попладнево на прес конференција обелодени детали за случајот со упатените закани кон градоначалникот на Охрид Александар Петрески и неговиот возач. Во интерес на објективно информирање на јавноста ви го пренесуваме официјалното соопштение на СВР Охрид:

„Вчера, доцна попладне, од страна на возачот на Градоначалникот на Охрид, во СВР Охрид беше пријавено дека тој и градоначалникот на 21-ви декември минатата година, околу 22.30 часот, пред дворот од куќата на градоначалникот биле грабнати од страна на две лица од Охрид на возраст од 32 и 34 години.

Иако, во својот исказ пред полицијата ниту градоначалникот(кој беше дополнително повикан), ниту неговиот личен возач не посочиле зошто со едномесечно задоцнување го пријавуваат случајот, двајцата осомничени уште синоќа беа лишени во слобода и во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред Истражен судија. По целосното документирање на случајот против нив ќе биде поднесена кривична пријава за „Грабнување“ на кое се уште се работи, односно се утврдува дали е сторено поради изнуда или нерасчистени должничко-доверителски односи.


СВР Охрид обелодени детали од случајот со грабнување на охридскиот градоначалник

Според пријавата, грабнувањето било извршено откако претходно еден од осомничените побарал од градоначалникот да му исплати 15000 евра. Бидејќи не ги добил парите, истиот се упатил кон неговиот дом и кога повторно бил одбиен, извадил пиштол со кој што го удрил возачот, во моментот кога од него бил спречен да тргне кон градоначалникот. Откако возачот паднал на земја, градоначалникот и осомничените влегле во возилото со намера да го однесат во болница, но под закана со огнено оружје, осомничените ги пренеле на периферијата на Охрид, каде заканувајќи им се по животите испукале во воздух, барајќи да им бидат дадени парите. Вечерта, како што е пријавено возачот им дал 5000 евра, а следниот ден истото го сторил и градоначалникот.

Околу мотивот, односно дали станува збор за изнуда или  нерасчистени должничко-доверителски односи и другите детали, сомничените во полициската истрага се бранат со молчење, а нема дополнително појаснување и за причините поради кои градоначалникот и неговиот возач ги исплатиле бараните пари, како и мотивите поради кои оштетените досега не дошле да го пријават случајот“, се наведува во соопштението на СВР Охрид.

Ohridnews