Акцијата ја изведуваат специјално обучени тимови од Македонија, под надзор на експерти за деминирање од Словенија. Тие објаснуваат дека отстранетите бомби, минофрлачи, гранати и други видови на огнено оружје, се наоѓале на само 50 метри од брегот и на длабочина од 3 до 10 метри. Експертите се изненадени од фактот што експлозивите иако се стари се во добра состојба и немаат поголеми оштетувања.
-Условите во Охридското Eзеро овозможиле овие неексплодирани направи да останат во добра состојба, со што ја намалиле потенцијалната опасност да бидат активирани од страна на капачите или пловните објекти. Опасноста би била поголема доколку тие се ‘рѓосани, затоа што тогаш осигурувачите за активирање би можеле многу полесно да паднат и експлозивите да се активираат под мал притисок. –вели Шабан Селиу, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој нагласува дека неексплодирани убојни средства, кои потекнуваат од периодот на двете Балкански и Светски војни, се лоцирани и во делот на струшкото крајбрежје, односно во областа на селата Калишта и Радожда, но таму вакви активности ќе бидат спроведени во иднина.
Во операцијата за чистење на Охридското Езеро која ќе трае до 21 февруари, логистички се вклучени и МВР, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, Министерството за животна средина и просторно планирање, Локалната самоуправа на Охрид и Охридската Капетанија. Донатор на активностите е Министерството за надворешни работи на САД а покровител е Меѓународниот фонд за деминирање и помош на жртвите од мини.