Утрово околу 06:30 часот, од водите на Охридското Езеро е извадена артилериска граната 75mm од Првата Светска војна, информира Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС.

Вадењето на експлозивната направа го извршија искусни стручњаци, откако претходно биле преземени соодветни безбедносни мерки.

Ангажиран беше нуркачот и пиротехнолог Милутин Секулоски тим лидер на тимот за заштита и спасување под вода од Дирекцијата за заштита и спасување, претходно обучуван и ангажиран при чистење на Охридското Езеро во неколку фази од неексплодирани убојни средства заостанати од Првата Светска војна. Во акцијата учествуваше и пиротехничар со долгогодишно искуство и ангажман од Подрачното оддление за заштита и спасување Кичево, Драгољуб Попоски, заради прифаќање и безбедно транспортирање на гранатата во магацин за привремено складирање се до нејзино уништување на локација за таа намена, соопшти ДЗС.