Спасувачките служби на Црвениот крст Охрид имаат полни раце работа и ова лето. До сега од водите на Охридското Езеро тие успешно спасиле 19 давеници, 14 на охридското и уште 5 на струшкото крајбрежје. Пет давеници, пак, биле спасени на Преспанското Езеро, информира Сашо Точков, претседател на Црвен Крст Охрид.
И ова лето сите комерцијални плажи немаат ангажирано спасувачи на вода, иако законот го предвидува тоа. Во Охрид обезбедени се 22 плажи, во Струга 7, а во Преспа 4.
Постојано апелираме до капачите да ги почитуваат безбедносните правила, да не влегуваат во вода по подолг престој на сонце, да не консумираат алкохол доколку се капат во езеро, но од нивна страна често се игнорираат предупредувањата, велат од Црвениот крст.
Во немил настан што се случил синоќа околу 20 часот на плажа во Лагадин, од последици на удар во камен при скок во вода, на пат кон охридската болница почина 35 годишен маж од Св. Николе.
OhridNews