Од непријавена туристичка такса изгубени милион евра за само еден месец
Според грубите процени на Асоцијацијата на хотелиери во Македонија (ХОТАМ), од почетокот на август до последниот викенд во Охрид и во другите туристички места имало околу 60.000 гости, а само за 10 отсто од нив е платена туристичка такса
Македонија, иако годинава се фалеше со туристички бум, само за еден месец колку што траеше шпицот, од непријавените гости изгуби над еден милион евра туристичка такса. Туристичките работници велат дека туристи имаше, но исто како да ги немаше, оти никаде не се регистрирани. Хотелиерите не паметат вака богата туристичка сезона. Според нив, цел август на охридското крајбрежје не можело да се најде слободно легло. За да се сместат сите гости, соби се издаваа, велат тие, дури и во охридските села.
Хотелиерите за загубите во годинешниот туризам ги обвинуваат газдите на приватното сместување. Според нив, тие ги изрентале леглата, а дневна туристичка такса од 40 денари место да ја уплатат во Општината, си ја скриле в џеб како чиста заработувачка.
Според грубите процени на Асоцијацијата на хотелиери во Македонија (ХОТАМ), од почетокот на август до последниот викенд во Охрид и во другите туристички места имало околу 60.000 гости.
“Само за 10 отсто од нив е платена туристичката такса. Останатите 50.000 никаде не се пријавени, со што е направена огромна штета и на општините и на државата. Знаеме со колку регистрирани капацитети располагаме на охридското крајбрежје. Во хотелското сместување и во неколкуте категоризирани апартмани има околу 5.000 легла. Се останато било издавано на диво”, вели Таневски.
Според него, годинешниве загуби во туризмот се многу поголеми од 1 милион евра, оти математиката е правена само за шпицот од летната сезона. Загубите од претходните два месеца во кои, исто така, имаше туристи, допрва ќе треба да се пресметуваат.
Со штетите од годинешната непријавена туристичка такса е запознат и премиерот Никола Груевски кој во Владата се сретна со претставници од ХОТАМ во петокот минатата недела.
“На претседателот на Владата му ги презентиравме нашите пресметки за загубата и од него побаравме итно да се направат промени во Законот за туризам, со кои туристичката инспекција ќе добие дозвола да влегува во секоја куќа, без разлика дали е регистрирана или не за вршење туристичка дејност. Од премиерот добивме уверување дека нашите барања ќе се разгледаат веќе на некоја од следните седници”, вели Таневски.
Според сегашниот Закон за туризам, инспекциите кои излегуваат на терен и да откријат нерегуларности немаат право да казнат на самото место или да им го пломбираат објектот. Тие може да напишат само прекршочна пријава, по што случаите завршуваат на суд.
Парите од собраната такса се делат меѓу општините и државата. Осумдесет отсто од туристичката такса остануваат во касата на локалната самоуправа, додека 20 осто одат во државниот буџет, по што се искористуваат за туристичка промоција на Македонија.
извор:вест