Имиџот на модерен и препознатлив туристички центар, кој тежнее да стане светска дестинација се гради тешко, макотрпно, со многу знаеење и умешност и трпеливо. За тоа одговорност подеднакво сносат државата, локалната самоуправа, туристичките работници, еснафите, продавачите, таксистите, полицијата, граѓаните, сите. Но, дали сме дораснати на предизвикот?
За новогодишните празници Охрид беше преполн со странски гости, во најголем дел од соседните земји. Најмногубројни беа србите, а во голем број во Охрид допатуваа и гости од Бугарија и Албанија. Голем дел од хотелските капацитети беа исполнети, солидно распродадени беа апартманите и другите капацитети во приватното сместување, се закупуваа цели ресторани, кафетерии и ноќни клубови. Охрид наликуваше како во шпицот на туристичката сезона. И се ќе беше речиси идеално доколку не се повтореа некои „вообичаени“ пропусти и нелогиочни потези.
Така деновиве дел од такси превозниците странските гости, ама и охриѓани ги „возеа“ со втора, трета или некоја друга нивна тарифа. Дел од угостителските објекти непосредно пред Нова година ги зголемија цените на пијалаците и храната. Кафетериите осетно ги зголемија цените за дочекот на Новата година, а ја намалија понудата, а дел на странците им наплаќаа за резервација на маса во обичен ден. Скокнаа и цените на приватното сместување вон главната туристичка сезона.
Во пазарна економија цените се формираат слободно врз основа на принципопт на понуда и побарувачка. И се ќе беше во ред доколку нашите „итри бизнисмени“ со нешто барем го оправдаа поскапувањето на услугите. Што тоа им понудивме екстра на гостите од вообичаената новогодишна шема зачинета со турбо фолк примеси и излитени менија во кои единственио се менува цената но не и понудата? За услугата и персоналот да не зборуваме иако дел од угостителите сериозно работат на ова прашање, но засега без поголем успех.
Со вакви навики тешко ќе изградиме добар имиџ. Може само да се занесуваме дека развиваме елитен туризам зошто тоа е наука а не желба. Исклучителното природно и културно наследство само по себе не е доволно, бидејќи туристичкиот производ го создаваат и други елементи: квалитетот на сместувачките капацитети, реномето и услугата во угостителските капацитети, обученоста на персоналот и професионалниот однос кон гостинот, гостопримливоста на локалното население. Од несовесното однесување на поединци чија филозофија е „Сега му е мајката“ губат сите, и тие кои инвестираат и вреднио работат на подобрување на туристичкиот производ, но и фирмите од другите стопански гранки кои индиректно заработуваат од туризмот, градот, државата. Затоа се чини крајно време е еснафите да си ги исчистат своите дворови и јавно да вперат прст кон тие што несовесно работат, туристичките работници да го подигнат нивото на квалитет и професионализам, а градот и државата да стават ред во туризмот. Се друго е замижување пред реалноста, што краткорочно на поединци ќе им донесе одреден бенефит и профит, но долгорочно ќе предизвика ненадоместлива штета и уривање на имиџот на Охрид кој сеуште не сме го ни изградиле како што треба.Тогаш пофалбите од типот најубаво украсен град и слични признанија нема многу да ни вредат, зошто освен убава амбалажа треба да имате и добар производ.
Горан Момироски