Иако официјалната политичка кампања за мартовските избори не е се уште отпочната, сепак, партиите од поодамна го почнаа својот маркетинг пред гласачкото тело.

Политичарите прават се само за да ги добијат симпатиите на гласачите, а не ретко користат и најразлични начини да го потиснат и омаловажат  спротивниот табор.

Прес-конференции, соопштенија до медиумите, реакции, препукувања. Секој бара да ги искористи своите 5 минути.

Претстои тежок период не само за политичарите, туку и за граѓаните и медиумите. Медиумите кои и сервираат информации на јавноста добиваат секојдневни реакции, во кои неретко се изнесени  и тешки зборови од  политичките членови. Една партија доставува остри критики за спротивниот табор. Ако ја објавите, тогаш сте должни, во интерес на објективноста, непристрасноста и балансот во информирањето да ја емитувате и реакцијата на повиканите. Потоа следува демант, па демант на демант и се така, додека не започне изборниот молк.  

Иако сме исправени пред уште еден демократски чин, се чини дека се уште не можеме да ги надминеме изборните нерегуларности и предизборните сцени кои редовно ги следи и анализира и Европската Унија, чиј пат сме го одбрале и ние.

Сосема е јасно, дека од меѓусебни препукувања на политичките противници , на народот ќе му дојде преку глава. Вокабуларот со вулгарни и невредиви зборови, не е добар адут. Поените можат да се собираат и на поинаков начин. А од навредите-ништо!

И политиката е флексибилна. Не се согласувате повеќе со вашите сопартијци, не ви одговара досегашната опција-тогаш само напред- кај нас е плурализам. Но ако седнете рамо до рамо со колегата којшто до вчера сте го напаѓале, а сега сте истомисленици, тогаш, гласачите ќе ги раздвижат мозочните виуги, и сигурно дека ќе се присетат на одамна кажаното. Лошото секогаш подолго се памети!

Деновиве сме сведоци на вжештување на политичката сцена во Охрид. Локалните избори се навидум далеку, но не е  тешко да се заклучи дека партиите и нивните поддржувачи веќе ја започнаа офанзивата и тоа без пардон и респект. Некаде во средина се медиумите и јавноста кои треба да се подготват за „пукањето“ од тешка артилерија која  партиите полека ја подмачкуваат во рововите. Но дали во политиката е се дозволено? Која е црвената линија преку која не смее да се помине?  Судејќи по жестината на говорот деновиве, политичарите како да подзаборавија на етичките норми за кои толку многу декларативно се залагаат. Доколку не ја променат тактиката , јавноста и јавните гласила ќе мора сами да се заштитат, за да не биде премината црвената линија

Ohridnews