Тур-операторите кои ќе носат странски туристи во Македонија ќе се субвенционираат со 150 илјади евра. Вака одлучи Владата со цел да го поттикне туризмот, а реализацијата на средствата ќе почне по изборите. Во  министерството за економија сметаат дека тренд во меѓународни рамки е алтернативниот туризам, а Македонија има предност заради природните и културните вредности со кои располага.

Туризмот е водечката гранка во Охрид и разбирливо е што и општината од буџетот одвојува милионски средства за развој на оваа гранка. Голем број охриѓани  лебот го вадат токму од туризам  и угостителство. Под капата на општината функционира Секторот за развој на туризмот и локален економски развој (ЛЕР) кој неодамна го промовираше проектот  ”Јакнење на локалните институции и организации за развој на руралниот туризам – Охрид – Дебрца”. За време на големиот христијански празник Водици, Охрид во организација на Агенцијата за развој на туризмот беше домаќин на вториот по ред меѓународен саем за туризам.

Колку охриѓани ќе имаат корист од проектите за развој на туризмот се уште е рано да се зборува. Но, праксата на терен покажува една сосема поинаква слика. Тур операторите и хотелиерите се тие кои мака мачат да ги доведат гостите во Охрид. Тие потенцираат дека немаат проблем со продавањето на капацитетите за летната сезона, туку што пред и потоа. Неодминиливо е прашањето дали Охрид може да ја продолжи летната сезона, или сето тоа и натаму ќе се сведува на индивидуални обиди од типот „кој како се снашол“

Хотелииерите, тур операторите и туристичката комора не се задоволни од промоцијата на Македонија на меѓународните саеми. Оттаму велат дека не опкружуваат земји со многу подобар туристички производ, па затоа ќе биде неопходно да се подобри понудата и во однос на квалитет и во однос на цената. А кога сме кај неа, ценатите на угостителските услуги во јануари годинава во споредба со декември минатата година се зголемени за 0,6 отсто. Пораст на цените е забележан во групите „храна“ за 0,3 проценти, „безалкохолни пијалоци“ за 0,8 проценти и „ноќевања“ за 1,5 проценти. Во споредба со минатата година, цените на угостителските услуги во јануари годинава  поскапеле за 6,7 проценти.

Трендот на поскакување, што неминовно ќе влијае и на цената на туристичките аранжмани и натаму ќе биде присутен, предупредуваат експертите. Но најголема „опасност“ на туизмот му се заканува од светската економска криза. Експертите посочуваат дека таа нема да ја одмине ниту оваа гранка. Најголем број од гостите во Охрид во шпицот на туристичката сезона сепак се домашни, кои за жал  често се потценуваат. Туристичките работници посочуваат дека е добро што државата ќе го субвенционира носењето странски гости, но охриѓани никако не смеат да ги заборават домашните туристи кои се тука 365 дена во годината. Задоволен гостин значи добра реклама, а тоа не се купува со пари туку се создава со однос кон туристите, квалитетна  понуда без импровизации и грижлив однос кон природното и културното наследство.

Мирко Постоловски