Тетовскиот прволигаш Ренова стандардно во Охрид ги одработува финалните подготовки за новите предизвици во Првата македонска фудбалска лига.


Единствен проблем за нас во Охрид е што до сега немавме екипа со која ќе одиграме пријателски натпревари. За оваа недела закажавме три контролни натпревари и тоа со Гостивар, Зајаз и Пелистер – рече Ќатип Османи, тренер на Ренова.

Ренова по завршување на сезоната остана без стоперот Менде Степановски, Горан Силјаноски и Билал Велиу, а ги доведоа Таипи од Шкендија и неколку фудбалери од младинската школа. 


– Екипата ја напуштија неколку квалитетни играчи, а ние настојувавме да доведеме нивни замени, но сепак се потпревме на нашата младинска школа која изобилува со таленти – потенцираше „шефот“ на Ренова.

Тренерот на „гипсарите“ за намалувањето на фудбалските лиги смета дека е добра идеја и дека ќе се подигне нивото на фудбалот во Македонија. 

– Оваа сезона ќе биде поинаква од тие што се играа до сега во елитната лига бидејќи испаѓаат четири екипи. Ренова има екипа за горниот дел од табелата и ние воопшто не помислуваме за борбата за опстанок него сакаме да се замешаме во горниот дел од табелата.  Во секој случај ја поздравувам и подржувам одлуката на ФФМ, Првата лига да ја сочинуваат десет екипи и ништо повеќе – смета предводникот на „гипсарите“.


Според Османи резултати од намалувањето на лигити ќе се очекува за две, три, а можеби и четири сезони.

– Од намалувањето на лигите не треба да се очекуваат веднаш енормни резултати. Тие ќе доаѓаат постепено затоа што во таа лига со десет екипи ќе опстануваат оние кои имаат финансиска моќ. Ќе се носат поквалитетни тренери, фудбалери, а финансииите ќе бидат подредени и тогаш ќе имаме видливи резултати – заврши Османи. 

Мх.П.