Старите долгови на општина Охрид не само што ја кочат секојдневната работа на локалната самоуправа, туку се сериозна пречка и за влегување во втората фаза на децентрализација. Централната власт наместо да и помогне има намера да воведе принудна финансиска управа.

Наследените долгови на општина Охрид пред доаѓањето на сегашната гарнитура на локалната власт беа околу 12 милиони евра. На разни начини половината од нив се вратени, но останатите со судски извршни решенија речиси постојано ја блокираат  буџетската сметка. Редовните активности на општината се покриваат со трансакции и цесии преку јавните претпријатија но тешко дека со таква практика ќе може да се продолжи идната година зошто измените на дел од законите од финансиската сфера тоа нема да го овозможуваат.

Излезот од ваквата сложена ситуација, градонацалникот на Охрид, Александар Петрески, го гледа во помошта од централната власт која со измени во постојните закони ќе дозволи општините да располагаат со државно градско земјиште и да можат кредитно да се задолжуваат. Со тоа би се овозможило дел од долговите да се компензираат со давање локации и наплата на комунални давачки, а остатокот од долгот би се покрил со задолжување пред банките. Единствено така би се одблокирала општинската сметка и тековно би се покривле пред се проктите во комуналната сфера.

За разлика од градоначалникот, централната власт има поинакви намери. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид Цветко Грозданов неодамна на седница на македонскиот парламент побара принудна финансиска управа за што позитивен одговор доби од министерот за финансии Трајко Славески кој исто така по потекло е од Охрид. Ваквата постапка тие ја оправдуваат како единствен начин да и се помогне на локалната самоуправа.

Од друга страна во локалната самоуправа велат дека тоа се прави со политички притисок за да се покаже дека градоначалникот и локалната администрација се некадарни да располагаат со буџетските пари и дека само со помош од ВМРО-ДПМНЕ општината може да се спаси од актуелната финансиска криза.

Општина Охрид според остварените приходи е една од најуспешните во Македонија, а поради старите долгови не може да го планира локалниот комунален и економски развој и не може да влезе во втората фаза на фискалната децентрализација. Многумина во овој спор меѓу локалната и и централната власт препознаваат злоупотреба на општината пред следните локални избори бидејќи неофицијално се зборува дека ќе се кандидираат актуелниот градоначалник, а од ВМРО-ДПМНЕ пратеникот Цветко Грозданов. Познавачите на политичките прилики во Охрид велат јавноста треба гласно да реагира и да го амортизира овој нерационален спор зошто од него најмногу губи општината и граѓаните на Охрид.  

Симон Илиески