Повеќе од 50 години креативните раце на пензионираниот охриѓанец Трајко Дурчовски умеат да го воскреснат ладниот метал во уметнички ремек дела.
33 скулптури, неколку слики и 20-тина привезоци кои изминативе две години се создадени во малото ателје на охридскиот уметник во населбата „Христо Узунов“, синоќа беа презентирани во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
„Веќе 50 години како се занимавам со обработка на железо. Целата техника на рачна изработка ја учев по школите како бравар, а без неа сигурно дека денеска не ќе можев да творам. Создавам скулптуи, слики и украсни привезоци, со цел да направам нешто креативно од металот кое ќе ми остане во сеќавање.“ – вели охридскиот уметник Трајко Дурчовски.
Инспирацијата, како што вели Дурчовски, доаѓа самата од себе, а мотивот за делата кои го „воскреснуваат“ ладниот метал го црпи од секојдневието и работните навики на човекот.
„Инспирацијата доаѓа сама од себе спонтано, а обработувам различни тематики. Некои се птици, различни животни, но и балерини, музичари, работници, алати, гроздобери и многу други работи. На еден начин, во сите дела има од се по нешто.“ – објаснува Дурчовски.
Охридскиот академски сликар, Славко Упевче, вели дека во делата на Дурчовски се вложени многу труд и трпение, ако се земе предвид фактот дека неговото ателје во подрумот на станбената зграда во која живее, е со минимални димензии.
„Ако на почетокот од неговото творештво гледавме дела изработени само од железни елементи, во подоцнежниот период веќе применува нови текстури преку боја и камен.“ – вели Упевче.
Упевче потенцира дека охридскиот уметник континуирано низ годините му дава душа на железото, истовремено препуштајќи им се на внатрешните двигатели во креирањето на секое дело.
„Изложбата „Каменот и железото“ ни презентира моменти од секојдневието, од интересната флора и фауна во имагинацијата на овој надарен творец. Ги гледаме неговите нови ликовни остварувања во чија реализација, Трајко, има вложено многу труд.“ – потенцира Упевче.
Покрај создавањето ремек дела, Дурчовски во слободно време, умее да ги преточи емоциите во пишан збор. Досега има издадено три книги со поезија меѓу кои „Дружба со ветерот“, „Мајчина душица“ и „Железен сон“.
Трајко Дурчовски е роден во 1943 година во селото Црна Река кај Гуменџа, во Беломорска Македонија. Како жртва на граѓанската војна во Грција, од 1948 живее во детските домови низ Чехословачка. Во 1974 година се преселува во Дебар, а во 1998 доаѓа во Охрид.
Значајни се неговите изложби „Говорот на железото“ од 2002 и 2003 година, како и „Железен свет“ во 2010 година. Во 2012 тој ја реализира самостојната изложба насловена „Кон среќата“ со дела од својата имагинација.
O.T.