Светот може да здивне бидејќи новиот вирус на грип од типот А, најверојатно не е толку опасен колку што првично се претпоставуваше. Но експертите на Светската здравствена органзиација и натаму инсистираат на внимателност, бидејќи според нив опасноста од пандемија не е мината.

Вирусот повеќе не се нарекува свински, туку нов иако, како куриозитет медиумите вчера пренесоа информација дека во Канада сопственик ги заразил своите свињи со грип.

Но од каде потекнува вирусот H1N1 засега официјално не се соопштува. Граѓаните се повеќе се сомневаат во приказната со свињите и луѓето, а потврда за тоа се и резултатите од анкетата што деновиве ја спроведе нашиот интернет портал. На прашањето „Верувате ли дека вирусот на свински грип природно мутирал?“, 64 проценти одговориле негативно, притоа изразувајќи сомнеж дека вирусот е можно да бил вештачки создаден во лабораторија. Други 21% сметаат дека е можно да се работи за биотероризам, а 15 отсто дека вирусот се појавил природно и дека тоа вообичаено се случува. Во анкетата беа вклучени 860 читатели.


Природен или не, новиот вирус од типот А внесе немир во светот, што ги натера државите на вонреден увоз на лекот “Тамифлу“. Меѓу увозниците на дополнителни количества од овој лек, кој се смета за ефикасен доколку се даде во првите 48 часа по инфицирањето, е и Македонија која нарача 100 000 кутивчиња „Тамифлу“, двојно помалку од првично проектираната количина.

Ohridnews