Намалување на малопродажната цена на СМС пораките од јуни, најавуваат од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), која неколку месеци води постапка за намалување на големопродажната цена која мобилните оператори ја плаќаат меѓусебно, пренесува „Макфакс“.

Од воведувањето на мобилната телефонија во Македонија, пред 15 години, цената на СМС пораките е непроменета при што од АЕК се надеваат дека од јуни со измените на големопродажната цена ќе дојде и до намалување на цената која ја плаќаат крајните потрошувачи.

„Постапката за донесување на големопродажна цена на СМС пораките ја започнавме пред неколку месеци. Согласно законските одредби целата постапка трае неколку месеци и очекуваме во јуни да заврши целата постапка со што големопродажната цена би се намалила затоа што нашата анализа покажа дека 15 години е истата цена“, изјави   Роберт Ордановски, директор на АЕК.

Со намалување на цената на СМС пораките ќе се зголеми обемот на користење на оваа услуга. Како што додаваат од АЕК, со оваа регулатива во Франција бројот на испратени пораки тројно пораснал.

Од Агенцијата информираат дека ќе има и промени во преносливоста на бројот, односно целата постапка да може да се заврши за еден ден. Од септември преку звучен сигнал ќе бидат информирани корисниците дека повиканиот број извршил промена на мобилниот оператор, а ќе се зголеми и грижата за правата на корисниците со што подетално ќе се разгледува содржината на претплатничките договори.

Агенцијата најави дека донесена е регулатива со која ќе се обезбеди универзална услуга која опфаќа целосен телефонски именик, како и услуги за лицата со посебни потреби.

Со универзалната услуга граѓаните ќе добијат пристап до телефонски именик преку кој ќе можат да дојдат до информации за претплатничките броеви и на мобилните оператори.

OhridNews