Од јануари сите јавни здравствени установи ќе бидат вклучени во трезорското работење на Фондот за здравствено осигурување. Платните налози нема повеќе да се реализираат преку сметки во комерцијални банки, информираат од фондот.

Трезорот за ЈЗУ ќе биде сместен во Фондот и ќе биде независен од Министерството за финансии. Главна цел на трезорот е да обезбеди економично, ефикасно и наменско користење на финансиските средства на ЈЗУ.

Придобивките од трезорот се поголема финансиска и буџетска дисциплина од страна на болниците. Со овој систем на работење, сите болници ќе мораат да усвојуваат финансиски планови на управниот одбор на ЈЗУ, ставките на плановите мора да бидат реално и прецизно планирани, а планираните расходи во плановите нема да смеат да се надминуваат без доставено барање за промена на финансискиот план, усвоена на Управниот одбор на болницата. Ова значи дека колку пари што ќе предвидат болниците за трошење, толку ќе треба и да потрошат.

Јавните здравствени установи доставуваат налог за плаќање до подрачните служби на ФЗОМ, подрачните служби го доставуваат до Трезорот во централата на ФЗОМ. Трезорот го проверува дали е во согласност со финансискиот план и го реализира налогот.
Приходите на ЈЗУ ќе бидат поделени во три различни сметки, едната сметка ќе биде утврдена буџетска проекција на ФЗОМ, сопствените приходи и приходи од донации.

OhridNews
извор: Makfaks