Имунизацијата во државата против Ковид-19 се одвива непречено, тврдат надлежните и најавуваат дека до следниот петок ќе бидат вакцинирани половина милион граѓани. Од денеска активна е и веб-страницата за ревакцинација на граѓаните кои се вакцинирале во странство, а задутре ќе се разговара за евентуалните нови мерки за заштита на границата, против ширењето на делта сојот на вирусот.

Комисијата за заразни болести во понеделник ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа, и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.

Поделени се сите вакцини, согласно бројот на пријавени граѓани. Во вторник ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени граѓани во сите градови, освен во Скопје, Тетово и Битола. Во овие три градови ќе се вакцинираат сите пријавени граѓани до петок следната недела. Што значи вкупната бројка на вакцинирани граѓани ќе биде околу 500 илјади, изјави министерот за здравство Филипче во текот на вчерашниот ден.

Тој потенцира дека теренска вакцинација ќе се интензивира следната недела и ќе придонесе да се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови.

Во однос на вакцинирањето на трудниците и доилките, ставот на Стручниот комитет е дека за нив треба да се преферира вакцината на „Фајзер“.

Во државата продолжува темпото на намален број на новозаболени од Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 11 случаи, ниту еден во Охрид, од направени 2.723 тестирања.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.700, бројката на оздравени пациенти е 150.067, на починати е 5.486, а активни се 147 случаи.

OhridNews