Охрид се придружува на низата на локации во светот кои се организатори на глобалниот настан, Стартап викенд. Втора година по ред Стартап Македонија во соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ го организираат овој глобален настан со поддршка и на многу компании, каде се очекува да има присутни повеќе од 100 луѓе, од кои 50-тина учесници кои ќе формираат меѓу 7-10 тима и ќе работат на своите идеи и развој на бизниси.

Во еден викенд на сите млади и перспективни претприемачи им се дава можност да тестираат своја идеја и заедно со целата Стартап и ИТ заедница да ги креираат своите први прототипи на решенија и да ги презентираат пред инвеститори. Во 54 часа имаат можност да презентираат, да формираат тим, да работат со ментори од македонската сцена и странство. Сакаме да ги пратиме со поддршка на Стартап Македонија Универзитетот и сите други актери, да ова не остане само на едно искуство како да отпочнат бизнис, туку навистина на тие што се сериозни да им дадеме патека како да го развијат бизнисот до успешен стартап. Сакаме да дадеме акцент дека во Охрид не е само туризмот, туку постои и голема историја на развој на технологија и токму тоа е нешто што може да не издвои. Ако можеме да ги споиме технологијата и туризмот е уште подобро за да се даде некој нов живот за младите кои тука творат, вели Игор Маџов, претседател на Стартап Македонија.

Фокусот на бизис идеите оваа година ќе ни биде првично да имплементираме вештачка интелегенција во нив, вели Христијан Волкановски, програмски координатор и организатор на Стартап викенд Охрид.

Идејата треба да биде глобално имплементирана, да може да ја користат различна група на луѓе од различи континенти, па се надеваме дека до крајот на викендот ќе имаме продукт кој ќе биде многу интересен и ќе продолжи понатаму да расте и да се развива. Минатата година имаше најразлични идеи од апликација за пиење, до платформа за адвокати, и од десет идеи две се веќе во напредна фаза и бараат инвестиции. Тоа е одлично бидејќи велиме дека еден од десет стартапи успева, така да два од десет е дупли успех. Очекуваме и оваа година да бидат изработени десет идеи за време на Стартап викендот, истакнува Волкановски.

Организаторите потенцираат дека во поглед на учесниците се запазува квалитетот, а не кванититетот, посочувајќи дека во низата на развој на бизнисот Старап викендот е на самиот почеток кога се осмелуваат луѓето да направат нешто свое.

Минатата година во Охрид го организиравме и Мечин самитот кој што беше следната фаза каде компании кои веќе имаат прототипи и решенија разговараа со корпорации и со инвеститори, донесовме над 50 инвеститори. Така да се обидуваме да им го трасираме патот на учесниците не само за почеток на идејата, туку и развојот, менторството, финансиска поддршка…, додава Маџов.

Стартап викендот во Охрид се одржува од денес до 28  април.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски