Деведесеттите години од минатиот век беа пресвртница не само за младата македонска држава, туку и за нејзините граѓани. Охрид и охриѓани не беа исклучок. Некогаш развиениот индустриски град со над 20000 луѓе вработени во фабриките одеднаш се најде во транзициски вртлог кој со огромна брзина ги промени животите на многумина. Фабриките кои беа во државна сопственост една по една почнаа да се затвораат, а вработените затекнати од ситуацијата се најдоа пред голем предизвик. Еден од нив е и охриѓанецот Аце Стојаноски, тогаш млад човек вработен во „железаријата“ во „Слобода“ Охрид која исто така отиде под клуч. Размислувајќи како понатаму, решава да отвори сопствен бизнис. Го привлекува идејата за бутик, но по разговор со колегата и пријател од „Слобода“ Дејан, кој го советува да продолжи да се занимава со работа во која веќе има искуство и познавања, решаваат да отворат бизнис. Така во 1994 година се раѓа Санитарија „Грини“. Триесет години подоцна „Грини“ е успешна семејна фирма со голема доверба кај клиентите и етаблирана на локалниот пазар.
Го послушав Дејан кој тогаш беше директор во Слобода. Почнавме со работа во 1994 на празникот Св. Еразмо и 8-9 години работевме заедно по што јас продолжив сам со бизнисот. На почетокот имавме мал дуќан во стоковната куќа „Слобода“, потоа отворивме паралелно уште еден дуќан на „Туристичка“ во мала скалеста. Подоцна отворивме дуќан од другата страна на булеварот, за конечно последниве 8-9 години сме во наш објект на добро познатата локација на „Туристичка“. Имаме 8 вработени, повеќето сме фамилијарно поврзани и тоа е сегмент кој не одржува сите овие години. А доаѓа и следна генерација која веќе е инволвирана во бизнисот, вели во разговор за Охридњуз Аце Стојаноски, сопственик на Санитарија „Грини“.
Да се води бизнис во Македонија 30 години не е лесно, особено ако се има предвид фактот тешката транзиција која се уште трае.
За да успееш 30 години треба да си јунак во оваа држава, ама успеавме некако и се уште се држиме и мислам дека ќе издржиме. Имаме направено бренд кој има своја клиентела и купувачи кои се задоволни од нас. Имаме се повеќе нови купувачи, старите ги задржавме, а добиваме нови. Секогаш сме работеле чесно, имаме добри цени, добра услуга и стручност со која им помагаме на луѓето при купувањето и сметам дека тоа е клучно што опстојуваме успешно на пазарот, додава Стојаноски.
„Грини“ е специјализирана продавница за санитарија, продава и електрика, железарија и браварија, а последно време со успех се занимава и со дистрибуција на пелети.
Застапници сме за добар бренд од Албанија чии производи се многу барани на пазарот, посочува Стојаноски.
Годините на криза влијаат на секој бизнис, но „Грини“ успешно ги надмина сите, вклучително и ковидот.
Финансиската состојба ни е подобра од година во година. Имаме трасирано пат кој го следиме. Воведуваме постојано новитети во производите и се трудиме на клиентите да им го обезбедиме потребниот квалитет. Многу е важно што имаме здрава основа како семеен бизнис, особено сега кога проблемот со работна сила е исклучително изразен. Оптимисти сме за иднината и веруваме дека не чекаат подобри времиња како нас, така и државата, истакна Стојаноски.
Триесетгодишниот јубилеј Санитарија „Грини“ го одбележа со свеченост во х. „Милениум“ на која присуствуваа вработени, пријатели, деловни партнери и гости.
Од идеја родена во турболентни времиња до успешен семеен бизнис, „Грини“ Охрид слави три децении постоење
Г. Момироски
Фото: Бобан Стојансоки