Од денеска граѓаните може да примат вакцина против Ковид-19 без да закажат термин за вакцинација, а во над сто населени места во општините во цела држава, меѓу кои и Охрид, почнува теренската вакцинација.
Граѓаните кои ќе се вакцинираат без да закажат термин за вакцинација првата доза ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи. Вакциналните пунктови во јавните здравствени установи, ќе имаат работно време, кое е објавено на вратите на установите.
За вакцинација, доволно е само желба и задолжително документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во ситемот „Мој Термин“. Во спортските сали ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина. Овие месеци се одличен период кога бројките на новозаразени и хоспитализирани се намалени, достапноста на вакцините е голема, соопшти Министерството за здравство и апелира сите граѓани да дојдат и да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствен начин да заврши оваа пандемија.
Процесот за теренска вакцинација, пак, е организиран во соработка со здавствените домови од секој град, локалната самоуправа и месните заедници, а секој граѓанин кој сака да се вакцинира со себе треба да има важечки документ за идентификација. Од Министерството за здравство информираат дека сите вакцини во земјава се безбедни и ефикасни и спречуваат тешки симптоми или смрт од коронавирусот.
OhridNews