Од денеска се воведува целосна забрана за движење во шумите. Забраната ќе важи од 06 до 20 часот и ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален, соопшти попладнево Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оттаму велат дека по барање на „Национални шуми“ е дадена согласност за целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми“, и истата започнува од 15.07.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 06:00 до 20:00 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат, велат од ресорното Министерство.
За непочитување на забраната, на физички лица кои ќе бидат затекнати ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.
Премиерот Христијан Мицкоски, денес при посетата на Охрид истакна дека очекува дека во текот на утрешниот ден или најдоцна до задутре да биде ставена под контрола ситуацијата со пожарите. Посочи дека покрај помошта од Турција која денеска пристигна, се очекува помош и од Србија, Црна Гора и Словенија.
Од Турција се пристигнати два авиони и еден хеликоптер. Двата воздухоплови веќе работат на смирување на охнената стихија во атарот на општината Ново Село, а хеликоптерот сега се упатува во неготинскиот крај. Очекуваме помош и поддршка, и тоа само во воздухоплови бидејќи станува збор за непристапни региони, и од Србја, Црна Гора и Словенија, рече Мицкоски.
Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информираше дека утрината на аеродромот во Скопје слетале два авиони „ер трактори“ и еден хеликоптер кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите на планината Серта и на Ограджен.
Владата на барање на Кризниот штаб на Неготино во саботата доцна вечерта прогласи кризна состојба во траење од 30 дена по што вчера на терен во гаснењето на пожарите се вклучи и Армијата и полицијата.
OhridNews