Денеска, 8 април, од 16 часот, стапуваат на сила дополнителни ограничувања на движењето за граѓаните на територијата на целата држава, за време на работните денови и викендите.
Согласно одлуката на Владата, се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.
Дополнително, за лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.
За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник.
Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
Новите ограничувања стапуваат на сила во среда, 8 април 2020 година во 16 часот.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при шти тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
OhridNews