Целта на оваа акција е да се направи проценка на концентрацијата на радон во Македонија врз чија основа ќе се изработи карта со нивото на зрачење од радон, да се идентификуваат региони со зголемена концентрација на овој гас и населението да се информира за можните ефекти.
Со акцијата, ќе бидат опфатени 400 домови на приземје на територијата на цела држава во кои што ќе бидат поставени детектори кои по три месеци ќе се враќаат на анализа во РЗЗЗ. Тоа мерење ќе биде бесплатно. Концентрацијата на радон, како што наведуваат од РЗЗЗ, зависи од концентрацијата на гасот во почвата, од вентилацијата во нашите домови, но и самиот градежен материјал може да биде извор на радијација. Доколку во некои домови биде констатирано поголемо ниво на концентрација на радон, треба да се направи дренажа на куќата која чини од 300 до 400 евра.
По завршувањето на бесплатната акција доколку некој самоиницијативно сака во неговиот дом да биде измерена концентрација на радон, тоа ќе го чини околу 10 евра.
Радонот е природен радиоактивен гас, алфа емитер, без мирис, боја и вкус и доколку му е зголемена концетрацијата може да биде штетен по здравјето на луѓето Се смета дека по пушењето, радонот е главен предизвикувач на рак на белите дробови.