СВР Охрид, од денеска, 16 април, во текот на претстојниот викенд, кога се одбележува христијанскиот празник Велигден, сѐ до вторник, 21 април, кога на сила ќе биде забраната и посебниот режим на движење на територијата на целата држава, на целото подрачје ќе врши интензивни контроли на сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, во викенд населбите, како и на верските храмови, информираат од Секторот за внатрешни работи Охрид.
- Засилените мерки за контрола на парковите, излетничките места и викенд населбите, отпочнуваат денеска од 16 часот и ќе траат до 21 април, вторник, до 05 часот. Дополнително, мерки за контрола ќе се преземаат и околу верските храмови, што е во согласност со одлуката на Владата за продолжување на забраната и посебниот режим на движење за време на претстојниот христијански празник Велигден, што ќе започнат од петок, 17 април од 16 часот, сѐ до 21 април, вторник, до 05 часот. Упатуваме апел до граѓаните строго да ги почитуваат одлуките на Владата за забрана за движење, како и совесно и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (КОВИД-19), потенцира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
OhridNews