Аеродромот е десет пати поголем од досегашниот, со капацитет да обезбеди услуга за четири милиони патници годишно. Модернизацијата и изградбата траеја 18 месеци и 5 дена.
Со додавање на нова терминална зграда од 40 илјади квадратни метри со шест патнички пристапни мостови, „ТАВ Аеродроми“ го зголеми капацитетот на 4 милиони патници, ја прошири пистата, како и карго делот и паркинг просторот. Изграден е карго хангар со капацитет од 40.000 тони годишно, нова противпожарна станица, службена зграда од 5.000 метри квадратни, паркинг за 1.300 возила, 23 места за чекирање, а постојната пистата е проширена за 500 метри.
Во средишниот дел на аеродромската зграда е поставен симболот на аеродромот – споменик на Александар Велики поставен на коњ. Споменикот е подарок за Македонија од Мурат Орнекол, оперативниот директор на концесионерот ТАВ.
На свеченото отворање е најавено присуство на македонскиот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, претседателот на одборот на „ТАВ Аеродроми“, Хамди Акин и генералниот директор на „ТАВ Аеродроми“, Сани Шенер.