Бучавата, непочитувањето на работното време на угостителските објекти, јавната хигиена и  дивите станоиздавачи се најголеми проблеми со кои Охрид се соочува во главната туристичка сезона. Ова беше истакнато на  средбата помеѓу претставници на Секторорт за туризам и локален економски развој, инспекциските служби и на полицијата со станоиздавачите, што се одржа денеска.

Заеднички заклучок на состанокот беше дека сите отворени проблеми, вклучително и посочените можат да се решаваат само со меѓусебна координација. Во тој контекст  претставникот на општинскиот инспекторат, Танас Танасоски, истакна дека ќе продолжат превентивните акции на инспекторатот и полицијата во насока на намалување на проблемот со бучавоста, но доколку угостителите и натаму продолжат да го прекршуваат законот ќе се соочат со ригорозни санкции и парични казни.

На состанокот беше истакнато дека општина Охрид продолжува со категоризација на сместувачките капацитети и дека до овој момент се евидентирани 3500 легла. Во текот на претстојната сезона ќе бидат засилени контролите на станоиздавачите со цел да се стави крај на таканаречените диви станоиздавачи кои создаваат нелојална конкуренција и го нагрдуваат имиџот на градот.

Денешниот состанок на надлежните институции со приватните станоиздавачи беше во функција на подготовки на градот за претстојната туристичка сезона.

Ohridnews