Кога ќе пристигнат вакцините во земјава, вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Брисел не добија конкретен рок, но на средба со еврокомесарот за управување со кризи побараа ЕУ што е можно поскоро да обезбеди вакцини за регионот за кои веќе се издвоени 70 милиони евра.

Изворите во Европската Комисија (ЕК), како што јави дописничката на МИА порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.

Очигледно е дека главниот проблем се наоѓа кај фармацевтските компании, или премногу ветија, или има некаков друг проблем, но работиме на тоа да откриеме што се случува, велат од Европската Комисија за МИА.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, соопшти дека испратила писмо до фармацевтската компанија АстраЗенека која најави дека ветените дози ќе доцнат и побарала конкретни одговори за тоа зошто се одлагаат ветените вакцини, ко-финансирани од ЕУ.

За С. Македонија и за регионот ова значи дека „во наредните недели“ нема да добие вакцини ниту од Ковакс, ниту од новиот “Механизам за споделување“ на ЕУ, најавен минатата недела.

Доколку Скопје сака да добие вакцини пред тие да бидат достапни преку хуманитарни механизми, има неколку опции: едната е директно да ги нарача од производителите, да ги откупи од други земји кои имаат вакцини, да чека донации, или да ги набави вакцините од Русија или Кина.

Одлуката останува на владата во С. Македонија, но треба да се има на ум дека ниедна од овие две вакцини не се одобрени во ЕУ, тоа е одговорност на властите кон сопствените граѓани, Европската Унија не се меша во оваа одлука, велат од Европската комисија.

Сепак во ЕК се оптимисти затоа што повеќето земји членки на ЕУ наскоро ќе почнат со втората доза вакцинација на нивното население, што би можело наскоро да значи и деблокирање на ситуацијата за Западен Балкан и останатите земји членки.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, од своја страна, исто така се обидува да обезбеди доволно дози од земјите членки на ЕУ за соседството што е можно поскоро. Овие дози би биле приоритетно резервирани за медицинскиот персонал и најранливите групи. Ова вчера им го порачал и на министрите за надворешни работи на ЕУ кои се состанаа во Брисел и бил “многу конкретен“, велат извори присутни на состанокот, за тоа што е потребно во знак на солидарност кон третите земји.

Доколку еврокомесарот успее да добие зелено светло за неговата иницијатива се очекува земјите од Западниот Балкан први да добијат вакцини пред останатите соседи на Унијата.

Филипче: Покрај Ковакс и „Фајзер“, се разгледува можност за набавка и на кинески вакцини

Здравствените власти во земјава сериозно ја разгледуваат можноста за набавка на вакцините против ковид-19 на кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“, потврди министерот за здравство Венко Филипче во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Со помош на кинеската амбасада во земјава веќе се остварени контакти со тамошните производители на вакцини.

Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е „Фајзер“, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, вели Филипче.

Според него, проблем не би требало да претставува тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови.

Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Во таа смисла, начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти. Токму тоа го анализираа буквално за сите вакцини кои се сега на пазарот, така што, нема никаква административна пречка и, секако, дека нема сомнеж во нивниот квалитет, истакна Филипче

Сепак, вели дека земјава не се откажува од планираните дози преку Ковакс-механизмот, за што е најавен состанок в петок на кој треба да се прецизира кога и колкава количина вакцини ќе дојдат во земјите кои аплицираа преку овој механизам. Се чека и одговор на „Фајзер“ во делот на деталите од договорот и дозвола за количините кои треба да пристигнат од Србија.

Најавата за можно набавување на вакцини од Кина доаѓа во услови на доцнење на испораката на вакцините на „Фајзер“ и на другите западни производители, за што некои држави членки на ЕУ најавија и судски спорови. Филипче вели дека се обидуваат да обезбедат количини од сите производители за кога ќе започне процесот на имунизација да нема пауза.

OhridNews