Владата до овој момент презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан, соопшти владината прес-служба по денешниот координативен состанок што се одржа во Владата во организација на премиерот Зоран Заев со сите вклучени чинители во големата хуманитарна меѓународна мисија за спасување на цивилно мирољубиво население од Авганистан.

На состанокот биле разгледани сите оперативни аспекти во врска со привременото сместувањето на лицата во хотели и мотели, до трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.

Премиерот Заев, стои во соопштението, ги информирал присутните дека последното прифатено барање за обезбедување помош за спасување и прифаќање граѓани е дадено на Меѓународната асоцијација на новинари (IFJ) за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.

Владината прес-служба наведува дека на состанокот од Министерството за надворешни работи, информирале дека во овој момент сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и се очекува многу скоро да пристигнат дома. Од Министерството за внатрешни работи, пак, соопштиле дека ја обезбедуваат сигурноста на македонските државјани, но и на авганистанските државјани кои влегуваат во земјата од хуманитарни причини.

МВР, потенцираат од Владата, ги презема сите потребни активности кои се однесуваат на граничното работење, преминот на државната граница и останатите аспекти за регулирање на статусот и престојот на оваа категорија на лица во нашата држава.

Црвениот крст заедно со останатите меѓународни организации ќе обезбеди соодветни информации, превод и комуникација со лицата согласно нивните потреби, основни средства и пакети за хигиена, како и задоволување на сите медицински потреби на лицата во координација со Министерството за здравство, како и средства за комуникација и одржување на работните потреби на луѓето, рекреативни активности и активности за целокупна поддршка на луѓето и децата во овој период, стои во соопштението.

 

ОhridNews