Се сеќавате на првоаприлската визија на нашиот колега Влатко од Холандија? Ни ја претстави на 1 Април минатата година. Свежа е како денеска да е пишувана. Денеска е денот на шегата, па оттаму вреди да се потсетиме на ова визионерско четиво. Се е вистина жими вас.

Моја тајна: Охрид каде што се будам со утринска прошетка покрај езеро. Во 6.00 часот. Мојот фаворит Охрид-момент на уметност. Што порано, толку поневеројатно поубаво, мирно и сликовито. Секој си коментира за стотини туристички, социјални, економски, политички, урбанистички, секојдневни работи околу Охрид на свој начин. Секој си ужива на свој начин. Секој со свој карактер. Секој со свои детали. Секој по свој пат. Но, како би изгледал Охрид на 1 АПРИЛ ВО 2038 ГОДИНА? Нешто чудно сонував деновиве…………..

Шоппинг центар под езерото

* Некој бизнисмен од Катар има направено голем шоппинг центар под езерото. Со дебел стаклен плафон. Во овој простор (скоро пола езеро) има различни светски брендови и максимално три мали охридски бутици. Погледот е феномален. Бистра вода и само плашици. Discovery Chanell има направено документарна програма за овој проект од стотина милиони долари.
*Се снима шпанска “сапуница” во Охрид: “Лас Варош“.
* Бранко Црвенкоски и во 2038 година сеуште е претседател на државата.
* Стојан Андов уште е пратеник, на либералната партија.
* Под езерото има паркинг гаража “Александар Петрески” со 5000 места.
* Рача, Коњско, Велестово се во руски раце. Ултра руски милјардери, до врвот на планината, го имаат купено секое ситно парче зеленило.
* Старата куќа до “Хотел Ривиера” уште е жолто-кафеава. Не реновирана.
* Во Охрид има на секој 500 метра бензинска пумпа.

Петар Нечоски Аеродром

* Под цел град има метро. Исто од аеродромот “Петар Нечоски” до Билјанини извори, Горица прва, втора, трета, Силекс, Метропол, Лагадин, Елешец, Пештани, Трпејца и Свети Наум на секои 15 минути има метро-превоз. Овој дел на метрото е под езерото. Во луксузна атмосфера, со технолошки екслузивни метро-кабини и осветлени, пре-модерни подземни станици.

* Малото дуќанче за семки во чаршија сеуште работи. Веќе 5-та генерација со задоволство го продолжуваат тоа што некогаш во бивша Југославија беше почнато.
* Дрвото кај чинарон е направено од стакло. Охридско плаво стакло. Навечер светит.
* Сите улици накај Црногорската населба се конечно асфалтирани.
* На пристаниште има 788 јахти. Мали, средни, големи и претерани големи.
* Кај Хотел Тино има паркинг за хеликоптери.
* Сите плажи се приватни. Само на гостите од хотелите им е дозволено таму да се движат.
* New Охрид се гради помеѓу Трпејца и Галичица. Овде е the place to be’. Со ексклузивни хотели од по 6 ѕвезди, апартмани, станови, вили, кафани, ноќни клубови, дискотеки, Armani/ Gucci/Ralph Lauren бутици и ресторани со Michelin ѕвезди. Стариот Охрид (в чаршија) е ко Disneyworld Orlando еден голем луна парк за туристи со ранци, сандали и бели чорапи.

„Бисерниот Тошев“

* На светски познатиот Охридски филмски фестивал во Chateau de La Palace D’ Ohrid (поранешниот хотел Палас), присутни се сите светски ѕвезди. Леонардо ди Каприо и Том Хенкс му честитаат на охридскиот режисер Илија Пиперкоски. За неговото ремек дело тој доби “Бисерниот Тошев” за најдобра режија, најдобар скрипт, најдобра музика, најдобри актери и најдобар филм; се е за Пиперкоски. Пет бисерни Тошевци за неговиот филм: „Златни Галеби“.

* “Обичниот народ” оди на плажа, со воз, на Преспанско езеро. Има тунел под Галичица. Од Пештани до Отешево.
* Фудбалскиот клуб “Охрид” игра во УЕФА Лигата на шампиони против Реал Мадрид, Интер, Арсенал,  Барселона, Порто,
Марсеј, Баерн Минхен, Глазгов Ренџерс. Тренер на Охрид е Франк де Боер.
* Светското првенство во велосипедизам се одржува во Македонија. Стартот е во Скопје. Финишот е кај Плаошник.
* Дванаесет годишниот Иван од Пештани е во репортажа на CNN-world. Сликан е со охридска пастрмка од 10цм. Ова е вест затоa што пештанците немале фатено пастрмка од 2010 година. И од 2013 година Пештани не беше спомнато во јавност. Во тогашната тв-репортажа на XTB се кажа дека и последното сокаче во Пештани конечно се приклучи на канализација.

Митинг на Фичовците/Формула 1-писта во езеро!

* На митингот на Фичовците во Велгошти, Ѓоко од Лескоец доби прва награда за најубаво Фичо во 2038 година. Комисијата на натпреварот запиша во нивните критики дека победата е заради жолтиот шрафцигер во левото прозорче, дека без клуч се пали и дека моторот позади се лади отворен, со помош на тенко дрвце што служи како потпирач.

Ѓоко: “Вака го добив од дедо Насте и така остана.”

* Тојота има во Охрид фабрика. Дистрибуција за светскиот пазар за хидраулични возила. TOYOTA Ogrida.
* Маларична е дефинитивно реновирана. Со нова фасада, нови плочки. Внатре е осветлено, чисто, културно и рамноправно. Без нервози и врски.
* Египќанецот Демир Далип е градоначалник на општина Охрид.
* Има само уште еден традицонален мини-супермаркет на Туристичка.
* Охрид и Поградец заедно се кандидираа за Олимписките летни игри во 2050 година.

* Охрид во 2038 година има Формула 1-писта во езеро!  Играчка од некој Емират од Дубаи, што го купил цело Охридско Езеро сосе албанскиот дел. А инаку Охридското Езеро е прекрстено во Proaqua-lake. Ова е резултат од приватизацијата во Охрид.
 
Се разбудив! Време е за едно Холандско филтер-кафе со колаче.

Влатко де Вриеж, Холандија