Од 416.614 лица кои се вакцинирани со две дози на вакцина против Ковид 19 заклучно со вчерашниот ден, вкупно 167 се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина. Само 11 од нив биле хоспитализирани, информираше денеска Министерството за здравство.
Според Министерството, ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, и потврдува дека вакцината е корисна и претставува единствен начин да се смени сликата зa пандемијата.
Според последната анализа од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за Ковид 19. Од нив, 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза. Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена, соопшти Министерството.
Оттаму посочуваат дека само 10 проценти од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза.
Меѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник В, Фајзер, а има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна.
Министерството апелира дека во овој период важно е граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи, како што посочуваат во соопштение, само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот СарсКов 2 и неговото рапидно ширење.
Во нашата земја се уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта, како во светот така и во регионот, многу брзо истиот може да се прошири и кај нас.Во државата има доволно вакцини, а сега на најбрз начин може да се дојде до термин за вакцинација. Во моментов за прва доза имаме 80.000 Синовак, 50.000 Aстра Зенека и 70.000 Фајзер, информираат од Министерството за здравство, соопштија од Министерството.
Досега во земјава се детектирани 30 случаи на делта варијантата.
ОhridNews