Еден од најголемите и најстари тур-оператори во Европа, групацијата „Томас кук“ од идната година официјално почнува да работи и со Македонија. Ќе организира чартер летови Белгија – Охрид и сместувања во Охрид, соопштија денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски.
Договорите со нашите хотелиери, вкупно 16, се веќе потпишани и од наредната недела ќе бидат достапни на интернет страницата на „Томас кук“ за резервирање. Деталите околу летовите и аранжманите воопшто ќе бидат подоцна дефинирани, но извесно е, како што истакна Пешевски, дека ќе има најмалку по еден чартер неделно. Доколку има потреба, бројот на летовите ќе се зголеми.
Во првата половина од годинава над 206.000 странски туристи ја посетиле Македонија, што е за 11,6 отсто повеќе од истиот период лани. Бројот на туристи од Белгија, пак, покажува пораст од дури 42 проценти. Менаџерот за склучување договори на „Томас Кук“ за Белгија Хортолами изминатите неколку дена престојувал на охридско-струшкото крајбрежје каде со посредство на Агенцијата имал средби со хотелиерите.
„Томас кук“ постои од 1841 година, опслужува над 22 милиона клиенти, а вкупната продажба на нејзините аранжамни е преку девет милијарди фунти.
OhridNews