Од 2 до 5 јули во Охрид ќе се одржи 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“.
Програмата започнува со изложбата насловена „Моменти“ од авторот Антонио Стојчески која ќе биде отворена на 2 јули.
Свеченото отворање на Фестивалот ќе биде и годинава со целовечерен концерт на ансамблот „Танец“ со почеток во 20:30 часот на сцената на „Долни Сарај“. Традиционално пред почетокот на концертот, учесниците на меѓународната фолклорна манифестација ќе продефилираат низ охридската чаршија, а ќе започнат од пред Центарот за култура во 19 часот.
На сцената на Долни Сарај љубителите на фолклорот ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од државата, Бугарија и Австралија. Влезот е слободен, а настапите на учениците на 4 и 5 јули се со почеток во 20:30 часот.
Најстарата фолклорна манифестација на Балканот, се одржува под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија, со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид.
OhridNews