Од први септември и официјално престанува лустрацијата во Македонија. Мандатот на Комисијата за верификација на факти ќе биде максимум две години.

Ова се предвидува со Дополнетиот предлог на закон за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, што беше изгласан вчера во Собранието. Законот го поднесоа пратениците Илија Димовски, Талат Џафери, Рафис Аљити и Антонио Милошоски.

Во рамки на 62. седница беше донесен и Дополнетиот предлог на закон за национална база на податоци за лица со инвалидност. Се предвидува воспоставување единствена електронска евиденција, односно национална база за лица со инвалидност. Се уредува и начинот на функционирање на националната база на податоци за лица со инвалидност, обработката на податоците во базата, користењето на податоците во базата, безбедноста на податоците и надзорот над функционирање на базата.

Националната база на податоци за лица со инвалидност претставува дел од интегрираниот здравствен информатички систем кој овозможува обработка и давање на користење податоци меѓу надлежните органи, со цел воспоставување на единствена евиденција на податоците и остварување на правата по основ на инвалидност согласно закон.

Пратениците во рамки на оваа седница започнаа со гласање по сетот закони од повеќе области кои се усогласуваат со Законот за прекршоци.

OhridNews