Придонесите за хонорарците се укинуваат од 1 август 2015 година, информираат од владата. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека законските измени за укинување на обврската за плаќање придонеси за здравствено и пензиско осиугурување за договорите на дело, авторските договори и слични договори се донесени на седница на Владата.

– Измената што се предлага, односно укинувањето на плаќањето на придонесите за договорите на дело и авторските договори или популарно наречените хонорарци се прави од причина што со неколку други мерки на Владата се исцрпеа ефектите што сакавме да ги постигнеме. Во последните три месеци се  рализираше и проектот „Македонија вработува“ која што овозможува ослободување во период од една до пет години од плаќањето на придонеси на лица што ќе бидат вработени  од страна на приватниот сектор и со тоа практично околу 4.000 лица во РМ веќе имаат стекнато статус на редовен работен однос и за нив се плаќаат придонесите и за пензиско и за здравствено осигурување, појасни министерот Ставрески.

Тој додаде дека вториот проект  кој исто така  решил добар дел од проблемот на лицата што порано беа ангажирани со договор на дело и авторски договори е во сегментот на трансформација на работниот однос во рамки на јавниот сектор. Според Ставрески, со ова решение Владата излегува и во пресрет на барањата кои во јавноста биле изразени бидејќи, како што рече, нашата намера беше да помогнеме во делот на регулирање на правата од работен однос и исто така да овозможиме сите лица да имаат рамноправен статус, а сепак во јавноста се создаде слика дека постојат други причини поради кои се прави како полнење на буџетот.

– Со оваа мерка со укинувањето на придонесите докажуваме дека тоа не беше случај бидејќи од друга страна на начинот како фунцкионираше тоа приходите не беа толку значајни за буџетот. Сакам да кажам дека се работи за износ на средства кои на годишно ниво се околу 220 до 250 милиони денари што покажува дека немаше никаква намера и дека имавме право дека целта не е да се добијат дополнителни приходи во буџетот или во фондовите, туку целта е едноставно да им се помогне на луѓето кои дотогаш беа регистрирани како лица кои имаат договор на дело или авторски договор и немаат никакви уплати на придонеси во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и според тоа ги немаат тие права што ги нудат уплатите на придонесите, рече Ставрески.

OhridNews