Од 1 април се намалува цената на 542 генерички и оригинаторни лекови. Ова е седмото по ред намалување на цените на лековите, согласно Законот за лекови и медицинските помагала и Методологијата за начинот на формирање на цените на лековите.
Најголемо процентуално намалување на максималната цена има кај следните генерики: Аторвастатин (лек за намалување на масти во крв) на кој цената му се намалува 76,83 отсто, Донепезил (лек за висок крвен притисок) 63,38 отсто, Рисперидон (лек за шизофренија) 58,05 отсто, Левофлоксацин (раствор за инфузија-антибиотик) 51,27 отсто, Диклофенак (антиревматик и аналгетик) 45,1 отсто, Доцетаксел (концентрат за раствор за инфузија-цитостатик) 31,5 отсто.
Најголемо процентуално намалување на максималната цена има кај следните оригинатори: Бонвива (раствор за инјектирање – лек кој делува на минерализација на коските) 59 отсто, Тритаце (АЦЕ инхибитор) 33 отсто, Плавикс (лек против згрутчување на крвта) 30 отсто, Кселода (цитостатик) 28 отсто, Липанор (лек за намалување масти) 22 отсто. Намалување на малопродажна цена има кај генеричките лекови: Јаснал (лек за Алцхајмерова болест) со разлика во цената од 61,86 отсто (старата малопродажна цена била 1979,63 денари, а новата изнесува 755.09 денари).
Намалување на малопродажна цена има кај генеричките лекови: Урутал (лек против вртоглавица) со разлика во цена од 18,89 отсто (старата малопродажна цена била 595,22 денари, а новата изнесува 482,78 денари), Синетра (против згрутчување на крвта) со разлика во цената од 15,57 отсто (старата малопродажна цена на лекот била 864,48ден., а новата изнесува 729,87 ден). Намалување има и кај лекот Ибандроник ацид (лек за остеопороза) со разлика во цена од 21,65 отсто (стара цена 7.905 ден, нова цена 193.91 ден.) Бонвива (лек кој делува на минерализација на коските) намалување на единствената малопродажна цена од 5269.32 денари на 2,166 денари. Намалување на малопродажната цена од 1.108 на 796 денари има и кај лекот Плавикс (против згрутчување на крвта), Синтром (против згрутчување на крвта), од 108,55 на 95,47 денари, Рекормон (раствор за инјектирање, лек за слабокрвност), од 5.652 денари на 4.144 денари.
Најчесто препишувани лекови, кои граѓаните ги земаат од аптека, а сега се со намалени цени се: лекови за болка Диклофенак и Кетопрофен, антибиотици: Ципрофлоксацин, Азитромицин и Цефалексин, и лекот за желудник Лансопразол.
OhridNews