Собранието денеска во второ читање ги усвои законските измени за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден. Тие треба да почнат да се применуваат од 1 јануари.
Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92 проценти од работниците, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на Законот за работните односи со кој се утврдува недела како неработен ден.
На денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија, пратениците со 62 гласа „за“ и ниту еден против го изгласаа законското решение кое го дефинира денот недела како ден за неделен одмор.
Целта на ова законско решение, според МТСП, е воспоставување рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.
Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена, рече Шахпаска.
Прецизирани се и дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности. За 100 отсто поголема дневница и слободен ден се предвидува за оние работници кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија, за кој пратениците треба денеска да расправаат.
Шахпаска истакна дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто. Дополнително, 2 отсто од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.
Работничките и работниците се столбот на нашата економија и движечка сила на државата. Поради тоа остануваат наш приоритет во градењето на идните политики, порача министерката Шахпаска.
OhridNews