Советниците на денешната одржана седница ги изгласаа одлуките за покачување на цената на услугите за снабдување со вода за пиење и за собирање и одведување на урбани отпадни води за периодот 2024 – 2026 година.
Советниците од опозицијата реагираа за покачувањето, но и за загубите на вода за која рекоа не се преземаат конкретни чекори, а истото се одразува токму врз цената. Од владејачкото мнозинство велат со проект за замена на броилата, пупмената станица во Метропол, проектот за Свињишки извори ќе се делува во иднина да нема нови покачувања.
Советничката Милена Грозданоска рече дека цената е дадена од Регулаторна комисија која истата ја утврдува врз база на доставени податоци од ЈП-ја, што значи дека таа цена не е иста за сите јавни претпријатија Водовод во цела Македонија.
Загубата на вода е во огромен процент. Пред година ипол се зборуваше за таа загуба која е по разни основи, меѓу кои и дивите приклучоци на одреден број население во градот. Тогаш кажав и замолив да се преземат одредени мерки во откривање на тие диви приклучоци. Затоа сега прашувам дали нешто е преземено во однос на откривањето на тие диви приклучоци или не. Греота е Охрид лежи на вода, а грѓаните да плаќаат најскапа вода. Довод, одвод и прочистување и во моментов таа цена кога би се собрала, сите тие трошоци изнесува 66,34 денари – Водовод, Нискоградба и Колектор. Дадов некои насоки како може да се откријат тие диви приклучоци и кое население ги има тие диви приклучоци. Дали нешто е преземено во намалување на загубата на вода по овој основ, праша Грозданоска.
Директорот на ЈП Водовод Охрид, Марјан Ристески истакна дека точно е дека загубата на вода е рак рана на ЈП и таа не е само во Охрид, туку е и македонски и европски проблем и истиот во нашата земја е околу 62%, а на европско ниво 55%.
Во овие година ипол успеавме благодарение на нашата брза интервенција, на максималниот напор на вработените процентот да се намали за 0,8 за една година. Не е процес кој може да се реши преку ден. Технолошката состојба на ЈП е на најниско ниво. Овие 30-тина изминати години не е набавена опрема за детектирање дефекти и загуби на вода. Има доста фондови и буџети каде може да се аплицира да се добијат средства за технолошки да се развие самото ЈП.
Во поглед на тоа дека загубите се поголеми во селските средини, Ристески не се сложува, бидејќи вели многу поголема загуба има кај што има големи комерцијални објекти, каде што има кражба на вода, користење на техничка вода, законска или незаконска…
Доколку ЈП поседува опрема ќе може да се види дали има диви приклучоци. Тоа што можеме со она што го имаме во моментов на располагање е таа наша побрза интервенција и побро детектирање на видливите дефекти и благовремено справување со нив. Изготвуваме моментално еден проект токму за загубата на вода и опфаќа можност за инсталирање на бежични водомери или водомери со електронско отчитување каде ќе се отстранат сите аномалии на физичкиот контакт, манипулациите, интервенцијата… До средината на наредната недела е даден рокот да се изготви. Конечно да почнеме од некаде технолошки да придонесеме за ЈП.
Не се сложувам, додава Ристески, дека имаме најскапа вода, имаме најскапа дистрибуција на вода до нашите домови и одржувањето, водата е бесплатна.
Сведоци сте дека минатата година имавме голем удар за ЈП и ја завршивме 2022 година со 52 милиони денари загуба од кои 100 милиони денари беа трошоци за испорачана електрична енергија. Тие 100 милиони денари во споредба со периодот кога цената на струјата беше стабилна беа 20 милиони денари. Разликата е 80 милиони денари и со загубата која ја прикажуваме од околу 50 милиони денари би значело дека ЈП Водовод ќе беше во добивка 30 милиони денари доколку струјата беше на исто ниво пред кризата не земајќи ги во предвид сите трошоци за порастот на минималната плата, репроматријалите и суровините.
Советничката Виолета Аврамоска искажа незадоволство од поскапувањата на цената на услугите на ЈП Водовод и ЈП Нискоградба, посочувајќи дека на удар ќе бидат семејствата и категориите во социјален ризик.
Советничката Живка Ангелоска праша дали доволно се прави за намалување на непродуктивните трошоци, велејќи дека треба да се преземат конкретни чекори.
Голготата на ова ЈП е започната од порано, но се зголемува континуирано прогресијата и се завршува со антисоцијална одлука, на секој три години ќе носиме одлука за зголемување на цената на водата и ќе објаснуваме како е непополурна одлуката, но е неминовна и мора да се постапи според насоките на комисијата. На претходната седница предложив повеќе средства во ребалансот кој го очекуваме. Сега кога касата на буџетите на општините е пополна од средства од централната власт со измените на законот за финансирање на единиците на локалната власт дајте да утврдиме приоритети. Нема поголем приоритет од ЈП Водовод да префрлиме средства за осовременување и промена на дотраената и амортизирана опрема која ја поседувате, вели Ангелоска.
Ристески потенцираше дека сепак и покрај сите проблеми водоснабдувањето во Охрид е нормално, платите исплатени, не согласувајќи се со констатацијата дека не се преземаат конкретни чекори.
Во делот на непродуктивните трошоци не се согласувам, не можеме да делуваме во делот на струјата и платите. Во делот на вработувањата се намалува бројот. ЈП Водовод имало 255 вработени. Во 2021 година се пензионирале 13 вработени, во 2021 година вработени се 12. Во 2022 година се пензионираа 15 вработени, истата година нема вработено ниту еден. Во 2023 година се пензионирани десет луѓе и до овој момент нема вработено ниту еден, а во годишниот план има предвиднео две вработувања. Значи 25 луѓе си заминале, а не сме вработиле ниту еден. Не дека не сакаме да вработуваме, туку сме свесни за состојбата во која се наоѓа ЈП. Податоците до Рулаторната комисија се од сметководствената состојба на ЈП, цените не ги дефинираме сами, има методологија, Закон… Оваа тарифа ќе се користи од 1 јануари 2024 година, додаде Ристески.
Советникот Сашо Донев истакна дека не треба да се прават замени на тезите дека во минатото критикувале а сега гласаат за покачување на цените.
Кога пред пола година зборев дека цената на електрична енергија е превисока и ќе треба да гласаме покачување на цената на услугите на водата за пиење сите мислевте држам политички говор. И Регулаторна комисија во утврдување на цената не ги зема предвид сите ставки по однос на расходите, што значи можеше да има уште повисок цена на водата за пиење. Понудена е просечна цена, а не максималната дадена од Регулаторна комисија.
Донев потенцираше дека Владата ќе изводи 900 илјади евра за Општина Охрид за проект кој ќе го изготви ЈП Водовод за промена на водомерните броила.
Со овие водомерни броила, проект кој ни вети министерката за животна средина и просторно планирање дека средствата ќе ни бидат одобрени, енормно ќе се зголеми наплатата, а ќе се намали потрошувачката на вода. Сметам дека ова е голем чекор напред и ЈП Водовод досега толкава инвестиција немало. Со ребалансот кој го очекуваме сите, ќе издвоиме околу 6 милиони денари како локална самоупрва за замена на сите пумпи кои се дотраени и трошат енормна количина електрична енергија до Нова година, а од Нова година ќе изводиме 250-300 илјади евра за целосна смена на пупмената станица во Метропол, бидејќи знаете дека преку 50% од количината на водата за пиење доаѓа оттаму. И проектот за Свињишки извори е готов, инвестиција која чини преку 6 милиони евра. Доколку овој проект се реализира преку 50% на количина на водата за пиење ќе оди по гравитационен пат, нема да се троши електрична енергија. 6 милиони евра чини проектот за промена на сите водомерни брпоила, ќе се заменуваат чекор по чекор прво кај поголемите потрошувачи за да нема повторно покачување на цената на водата, додаде Донев.
Наредната недела ќе се аплицира со проектот во МЖСПП, постапката се очекува да заврши до Нова година, во јануари да се заврши постапката во Министерство и по тоа да започнат активностите на терен.
Н.С.Ј.