Охридскиот фудбалски клуб со стил ја спушти завесата на домашен терен во Втората македонска фудбалска лига-запад, победувајќи го Кадино со 3-0, полувреме 2-0. „Рибарите“ до единаесеттиот триумф во тринаесеттиот меч на „Билјанини Извори“, стигнаа на крилата од Шериф Реџепи, кој три пати ја тресеше мрежата на противникот. Охриѓани се наоѓаат на чекор од официјален пласман на позицијата број два на табелата и влез во баражот за учество во Првата македонска фудбалска лига.
Симоновски (3,5): Неговите игри во континуитет се добри, а со Кадино уште еднаш ги потврди квалитетот и формата. Добро интервенираше на почетокот од натпреварот при резултат 0-0 и уште еднаш при водство на Охрид 2-0. Според резултатите, Охрид не е најдобар, но може да се пофали со најмал број на примени погодоци и најголем збир на мечеви без примен погодок.
Маркоски (3) – Цуцули (3) – Трпески (3,5) – Вељаноски (3,5): Одбраната заедно со Симоновски успешно ја заврши работа, зачувувајќи ја мрежата „чиста“. Офанзивниот ред на Кадино иако создаде шанси не се наигра на дуелот со охриѓани. Згора на се, Вељаноски асистираше за првиот погодок, а Трпески поведувајќи контра напад го направил клучниот потег за третиот погодок.
Ѓорѓиески (3) – Алији (3) – Кочоски (3): Средниот ред или „моторот“ на екипата повторно имаше завиден натпревар, диктирирајќи го темпото на игра. Голем број на одземени топки, безброј дуели на секаде од теренот и креирани акции беа одлика на „везните“ играчи. Еден со друг се надополнуваа и не дозволија гостинот да се разигра.
Митев (3,5) – Целески (3) – Реџепи (4): Напаѓачкото трио експлодираше на вчерашниот натпревар. Кадино во ниту еден момент неможеше да се справи со офанзивните фудбалери. Сите плодови од нападот ги собра Реџепи, кој постигна три погодоци. Митев асистираше два пати, а Целески учествуваше за вториот погодок на Реџепи.
- Измени:
Наумовски (3): Влезе во игра во 54-та минута на местото од Кочоски. Задачата која имаше на средината од теренот добро ја одработи и успеа да ја „стегне“ играта. Следната сезона треба да биде клучна за Наумовски во дресот на Охрид, бидејќи зад себе ќе го има искуството од оваа сезона.
Мазари (3): Го замени Целески во 62-та минута. Исто како и Наумовски влезе со точни инструкции од тренерот Бочески да се задржи водството и да се преточи во победа. Мазари кој дојде во зимскиот преоден рок се наметнува како сериозна опција за следната сезона.
Ристески (3): Влезе во игра во 82-та минута на местото од Митев. Одигра доволно добро да ги „одмори“ Ѓорѓиески и Алији и да ја врзи играта на сопствената половина.
Драган Бочески (3,5): Одлично подготвена екипа, тактички зрело, особено на почетокот од второто полувреме, кога Охрид не само што ја згази топката, туку не му дозволи на Кадино шанса за погодок. „Рибарите“ знаат што сакаат од стартот до крајот на тренерот, а сето тоа е заслуга на Бочески.
Мх.П.