После двата минимални порази со идентичен резултат 1-0 кај Кадино и Кораб, во осмата и деветтата рунда, фудбалерите на Охрид ја вратија сигурноста во играта на гостински терен, ремизирајќи во Велешта против истоимениот состав без голови 0-0, во рамките на 11 коло oд Втората македонска фудбалска лига-Запад.
„Рибарите“, на Велешта, која е една од најдобрите екипи на домашен терен, не и дозволија да се разигра и да креира шанса за гол. Исто беше и на спротивната страна, затоа поделбата на бодовите во локалната пресметка беше и најреален резултат.
Симоновски (3): Продолжува со одличните игри во континуитет. Со добри и сигурни интервенции повторно ја зачува сопствената мрежа, која остана празна.
Цветаноски (3) – Цуцули (3) – Трпески (3): Последната тројка во екипата беше на ниво на задачата и многу добро функционираше на теренот. Цветаноски имаше супер настап на дерби средбата, исполнувајќи ги сите задачи против Алтин Лога и е вистинска добивка за Охрид од дуелот со Велешта. Цуцули и Трпески добро се справија со Игор Клечкароски.
Вељаноски (3) – Ариф (3): Бековското дуо беше од голема помош на стоперското трио во борбата со офанзивците на Велешта. Имаа улоги и во нападот, но тактичката игра преовладуваше на сопствената половина од теренот и не дозволија премногу уфрлања и корисни центаршутеви на противникот.
Алији (3) – Ѓорѓиески (3): Фудбалерите за врска заслужуваат честитки за борбеноста од почетокот до крајот на натпреварот. Алији беше најагилен со топката, додека Ѓорѓиески ги спречуваше сите ветувачки акции на домаќинот. Алији и Ѓорѓиески се добитен тандем во екипата на Охрид.
Мерсовски (-) – Целески (3) – Бакулески (3): Мерсовски се повреди и ја напушти играта после 20-тина минути игра. Популарниот „Џеко“ има големо влијание на теренот и Охрид дефинитивно нема да биде ист без него. Целески и Бакулески не дозволуваа да креираат игра последните играчи во екипата на Велешта, а учествуваа во сите подобри акции на Охрид.
- Измени:
Дишлиевски (3): Го замени Мерсовски и ги исполни сите задачи. Константно ги притискаше стоперите, задржуваше топки. Над него имаше и опасен старт, кој лесно можеше да биде црвен картон.
Кочоски (3): После еден меч пауза, се врати во составот и ја зацврсти играта во средниот ред. Го замени Бакулески.
Реџепи (-): Влезе во игра во судиското продолжение.
Марино Маркоски (3): Формациски добро поставена игра, играчите во формацијата исто така. Измените направени добро и нова исполнета мисија за младиот тренер на клупата на Охрид.
OhridNews