Охрид е претплатен за драматични, тензични и неизвесни натпревари во Втората македонска фудбалска лига-запад. „Рибарите“ во нов содржаен меч со 2-1 го совладаа кичевски Велазерими и освоија три значајни бодови, во битката за втората позиција на табелата во Втората лига.

Симоновски (3): Нов добар перформанс на охридската единица. Немаше што да направи при ситуацијата „очи в очи“ кога Велазерими постигна погодок и изедначи, но се друго беше на нивото од претходно.

Маркоски (3) – Цуцули (3) – Трпески (3) – Вељаноски (3): Одбранбената четворка го издржа притисокот и повторно го положи испитот. Не реагираше најдобро при погодок на Велазерими, но нападот повторно ја врати предноста, која одбраната не ја испушти до крајот на мечот.

Алији (3,5) – Ѓорѓиески (3,5) – Мерсовски (1): Алији и Ѓорѓиески беа срцето и душата на охридската екипа. Алији постигна погодок и асистираше за Митев, кој реализираше за 2-1. Ѓорѓиески, пак, истрча најмногу, покриваше секој дел на теренот, помагајќи идентично во напад и одбрана. Мерсовски направи непотребен и непромислен потег, добивајќи заслужен црвен картон.

Реџепи (3) – Целески (3) – Митев (3,5): Улогата на херои ја понесоа офанзивците, кои овој пат успешно ја завршија. Реџепи беше најагилен, Целески констатно водеше битка со стоперите, а Митев човек на одлука, постигнувајќи го вториот погодок за Охрид.

  • Измени: 

Мазари (3): Влезе во игра во 63-та заменувајќи го Целески. Мазари внесе свежина и добро ги исполни задачите дадени од охридскиот тренер.

Кочоски (3): Се врати по подолга пауза на теренот. Влезе во гол шанса, но само поради добрата реакција на гостинскиот голман не се запиша во листата на стрелци.

Петрушевски (3): Го замена Реџепи во финишот, но имаше доволно време да ја стабилизира играта и донесе свежина во играта од средниот ред.

Бочески (3): Неговиот цврст збор и самодовербата покрај аут линијата им влеа голема самодоверба на охридските фудбалери, кои се бореа до последен здив. Правовреме и точни измени, со кои успеа да ја задржи играта на високо ниво.

Мх.П.