„Група загрижени жители“ од селата Пештани, Трпејца и Љубаништа испратија писмо до редакцијата на Ohridnews, со кое, како што велат, сакаат да ја информираат јавноста но и институциите на државата за состојбите кои се случуваат во Национален Парк Галичица, поточно во близина на местото викано Корита. Имено, тие наведуваат дека на оваа локација лице вработено на одговорна позиција во НП Галичица на земјиште на Република Македонија изградило штали во кои чува околу 150 крави, а без одобрение изградило и околу 2 километри водоводен систем со цефки вкопани под земја, за напојување на добитокот со што водата во бунарите на Корита била доведена на минимум.

  • При тоа, лицето монтира и цистерна која ја полни со вода за да има притисок во водоснабдителниот систем кој е изграден на диво, без никакво одобрение, во срцето на националниот парк притоа уништувајќи голем дел од природата. Споменатата  цистерна, е украдена од летувалиштето Сиркан  во Преспа и неа ја бара Полицијата која никако не може да ја пронајде иако сите знаат и кој ја украде и каде точно се наоѓа, а ако не знаат преку дописот ве известуваме дека украдената цистерна по која трага полицијата се наоѓа блиску до месноста Корита на Галичица над селото Трпејца, стои во писмото.

Од јавната установа национален парк Галичица ваквите обвинувања ги отфрлаат како целосно невистинити. Оттаму, потенцираат дека двата посочени објекти се наменети за сместување на добиток во сопственост на две семејства и се наоѓаат во месноста Глајшо или Трпејчко Поле, а не како што е наведено во месноста Корита и дека постојат многу одамна уште пред прогласувањето на националниот парк.

  • Наменети биле за сместување на добиток во период кога сточарството било многу застапено на падините на Галичица и било еден од основните извори за егзистениција за локалното население. Покрај овие 2 објекти во околината на локалитетот постојат остатоци од уште 3 објекти. Во минатото овие објекти ги користеле сточарите од семејството Палоски (браќата Јонче, Крсте и Спасе). Објектите во деведесетите беа зафатени од подметнат пожар и беа целосно уништени и неупотребливи. Во 2010 година, Рубаноски Петре извршил санација на еден од објектите во кој почнал да одгледува добиток. Потенцирам дека посочените објекти не се изградени од цврст градежен материјал, вели директорот на ЈУНП Галичица, Андон Бојаџи.

Во однос на посочената цистерна, Бојаџи објаснува дека е управувана од Јавната установа Национален парк Галичица.

  • До 2016 година цистерната беше во близина на селото Лескоец (Преспа) за потоа установата да ја префрли во месноста Корита за свои потреби односно за напојување на товарниот добиток со кој се дотураат огревни дрва за потребите на паркот. Во моментов цистерната е празна и не се користи ниту од јавната установа ниту од други лица. Фотографиите од бетонската шахта и прокопаниот канал се направени над чешмата во месноста Корита и се дел од активностите на установата превземени за прочистување на каналите на изворот Корита. Сите активности на санација на изворот/чешмата Корита ги спроведува ЈУНПГ. Вода од изворот Корита не се спроведува ниту до цистерната, која е во близина на изворот (350 метри), а уште помалку до локалитетот Глајшо кој е одалечен од изворот Корита на 3 километри. Според Законот за заштита на природата и Планот за управување со Национален парк Галичица, Јавната установа заради заштита на биолошката и пределската разновидност треба да обезбеди активно управување со пасиштата преку нивно користење на традиционален начин. Токму поради тоа установата дава подршка на сите заинтересирани сточари за вршење на оваа дејност, изјави директорот Бојаџи.

Од НП Галичица, укажуваат на дел од проблемите со кои се соочува Јавната установа, а се поврзани со урбанизацијата и бројните обиди за бесправна градба и узурпацијата на државното земјиште што го загрозува статусот национален парк и подрачје на листата на УНЕСКО.

  • За жал, најчести прекршители се „влијателни“ луѓе во општеството по различни основи, со кои недоволно моќната јавна установа тешко може да се справи. Во некои случаи во минатото и јавната установа не ги преземала сите потребни дејствија за спречување на бесправната градба и узурпирањето на државниот имот. Приложените фотографии се од бесправно изградени објекти на земјиште сопственост на Република Македонија, на особено атрактивни локации во околина на селото Трпејца. Поради тоа, ме зачудува фактот дека божемната група „загрижени“ граѓани, вклучително и од селото Трпејца немаат реакција на ваквото непочитување и приграбување на националното богатство за лични цели и уживање, вели Бојаџи.

Фотографии на Управата на Националниот парк Галичица доставени со медиумите

Изразува надеж дека ќе реагираат институциите на системот во спречувањето на бесправната градба и узурпирањето на државниот имот. Бојаџи потенцира дека сите три објекти се изградени после 2011 година, а за истите е поведена постапка за легализација иако Законот за постапување со бесправно изградени објекти дава можност да се спроведе ваква постапка само за објекти кои се изградени пред март 2011 година.

OhridNews