Иако декларативно партиите се договорија и ги откажаа предвремените парламентарни избори поради кризата предизвикана од коронавирусот Ковид 19, политичките препукувања не престануваат.

Опозицијата денеска упати критики на сметка на власта, обвинувајќи ја министерката за одбрана за неодговорно трошење во време на криза.

Додека речиси секој во државата се обидува да придонеси за надминување на ситуацијата со корона вирусот, владата е фатена во нов скандал. И покрај тоа што има забрана за патување во странство, во екот на пандемијата со корона вирус, во перидот од 17-20 март оваа година, Шекеринск преку Министерството за одбрана потрошила 1 милион и речиси 43 илјади денари за за патувања. Во истиот овој период, за само 4 дена за репрезентација, ручеци и ресторани, мнинистерството за одбрана со кое раководи Шекеринска потрошило дополнително речиси 362 илјади денари. Додека македонските доктори немаат маски, немаат респиратори, министерството со кое раководи Шекеринска тие пари ги троши на патувања и ручеци. Додека Заев ќе крати плати на работници, Шекеринска троши на ручеци и патувања. – обвини на партиски прес, Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска попладнево на прес конференција ги демантираше ваквите обвинувања, нарекувајќи ги лаги.

Најдиректно ги демантирам лагите на ВМРО ДПМНЕ. Сакам да ги повикам да престанат со лаги заради тоа што лагите нема ниту да го скријат нивниот срам за нечесниот однос кон кризата, ниту ќе го скријат нивниот срам дека 11 години нè држеа замрзнати во место, а ние покажавме дека за две ипол години можеме да добиеме и членство во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија. Лага е дека било кој, а особено јас во изминатава недела замислете сум била на службени патувања и сум ги трошела државните пари на патувања и репрезентација. Замислете тоа е истата оваа недела кога скопскиот аеродром воглавно беше затворен. Тоа е истата таа недела кога секој добронамерен, па дури и злонамерен граѓанин ако седне на Facebook, ако кликне ќе види дека јас како и моите други колеги сум секој ден присутна на главен штаб и секој ден присутна на владина седница.  – рече заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во денешната реакција на прес конференцијата на Игор Јанушев од ВМРО ДПМНЕ.

Шеќеринска информираше дека изминатиот четврток во Министерството за одбрана донела одлука со решение да се укинат сите репрезентации, за целото Министерство, вклучително и за неа. Побара од опозицијата да не ја дефокусира јавноста, но и Владата, бидејќи, како што рече, ова не е време за политички препукувања, туку за борба со коронавирусот, во која треба да бидат вклучени сите ресурси.

OhridNews