Обвинителството во Милано побарало затворска казна од две години и шест месеци за познатите дизајнери Долче и Габана, затоа што на даночните власти не им пријавиле приход од милијарда евра. Обвинителот Гаетано Рута рекол пред судот во завршниот говор дека двајцата дизајнери затаиле по 416 милиони евра и уште 200 милиони преку една компанија со седиште во Луксембург. Во постапката која се води против Долче и Габана поради лажно пријавување на приходи, претходно минал рокот за застареност за уште една квалификација од тужбата.
Судиите пред две години поради застареност отфрлиле тужба за затајување данок и измама против двајцата модни дизајнери, чиј бренд Долче и Габана претставува еден од најценетите во модната индустрија. Потоа, врховниот суд во Италија, по жалба на обвинителството, оценил дека може да им биде судено само за затајување данок, но не и за измама.