Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.

Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, велат од ОЈОГОК.

По објавите во медиумите во однос на компаниите вклучени во конзорциумот ИРД што беше избран за надзор, Антикорупциската комисија најави дека ќе ги провери наводите, а апели до оваа институција како и до Обвинителството за да се истражат сите постапки денеска повторно упати премиерот Димитар Ковачевски.

За сите информации што се од јавен карактер и сите податоци за изборот и на проектантот, и на изведувачот, и на надзорот се јавно достапни во Бирото за јавни набавки. Може да отпочнат какви било постапки, а јас третпат го повикувам и Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија да спроведат постапка за која маат законска надлежност во однос на сите информации кои се достапни. А сите одлуки на Владата ќе бидат доставени со материјалите до Антикорупциската комисија, рече Ковачевски на седницата на пратенички прашања во Собранието.

Тој одговори на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на собраниската седница за пратенички прашања кој праша дали треба да се отвори истрага за фирмата за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д во вредност од 22 милиони евра и зошто е избрана фирма без искуство за надзор која, како што рече, преку ноќ добила лиценца за надзор, како и грант државни пари од ФИТР.

Како што рече Ковачевски, вредноста на надзорот е најниска во вкупното учество на изградба на патишта досега.

За коридорот 8 и коридорот 10д, процентот на вредноста за надзор и изградба на патот е 1,69. Значи, од вредноста од една милијарда 300 милиони евра од Договорот за проектирање и изградба за коридорот 8 и коридорот 10д, надзорот е 22,3 милиони евра или 1,69 проценти, што е најниско учество на надзор во вкупен проект на кој било автопат досега во државата, посочи премиерот.

За надзорот на коридорите одговараше и вицепремиерот Артан Груби, кој е и претседател на Управувачкиот комитет на Владата за преговорите за изградба на двата коридора.

Цела постапка е запазена и е помината низ сите управни постапки во државата, рече Груби.

Според најавите, стартот на проектот за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10 во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра е предвиден за почетокот на следниот месец.

Владата минатата недела на седница ја одобри и првата транша во износ од 87 милиони евра од вкупн0 243 милиони евра предвидени за годинава.

OhridNews